Нема репресија, Шпанија не е Југославија

0
517

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер кажа дека Каталонците не се под репресија на Шпанија па таа ситуација не може да се споредува со онаа во поранешна Југославија.

„Во Каталонија нема проблем со кршењето на човековите права бидејќи Каталонците, кои ми се драги и чија култура ја почитувам, не се под репресија на Шпанија. Не може да се повлече паралела со Словенија и другите земји од поранешна Југославија со она што се случува во Каталонија“, кажа Јункер за португалската телевизија РТП.

„Јас не сакам утре или задутре да имаме ЕУ со 95 различни земји. Би ја изгубиле контролата. Националното единство и европското единство се нешта кои одат заедно“, изјави 63-годишниот Јункер. Тој така повторно ја отфрли можноста за посредување во конфликтот меѓу Барселона и Мадрид, само еден ден пред шпанскиот парламент да ги одобри вонредните мерки во Каталонија, на североистокот на Шпанија.

Шпанските министерства шест месеци, сѐ до организирањето на предвремените каталонски избори, би управувале со каталонската полиција, финансиите, јавните медиуми, телекомуникациите и информатичките служби. Каталонскиот парламент во тој период не би можел да ги поништи тие мерки ниту да предложи нов претседател на регионалната влада.

„Ситуацијата веќе малку избега од контрола бидејќи владата и еден дел од каталонскиот парламент излегоа од рамките на законите. Шпанскиот устав е прилично јасен – не може да се организираат референдуми за отцепување“, кажа Јункер. „Европа нема никаква улога во конфликтот меѓу Барселона и Мадрид. Шпанците се тие кои треба да го решат тој проблем“, додаде тој.

Ноќеска трае расправата во каталонскиот парламент која треба да одговори на мерките иницирани од Мадрид. Каталонскиот премиер Карлес Пучдемон претходно одби да свика предвремени избори поради што потпретседателката на шпанската влада Сораја Санец де Сантамарија го обвини дека одбива дијалог.

Пучдемон кажа дека не свикал извори бидејќи шпанската влада не му дала гаранција дека и покрај тоа нема да ги спроведе вонредните мерки во Каталонија.

www.mkd.mk