Немири во Хамбург, полицијата бара засилување

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Полицијата во Хамбург побара помош од колеги од други делови од Германија за да се справи со немирите и насилствата поради самитот на Г-20. Според најновите информации, најмалку 159 полицајци се повредени и 45 демонстранти се приведени како резултат од насилните протести во Хамбург, јави ДПА.

Демонстрантите нападнаа полицијска станица во квартот Алтона, запалија полициски патролни возила и фрлаа запалливи средства во близина на железничката станица.

Полицијата подоцна упати предупредување до граѓаните да го избегнуваат тоа подрачје и да бидат подалеку од протестите.

Повеќе возила се запалени и булеварот Елбшосе, а над западниот дел од градот се издига густ црн чад.

Стотици демонстранти во разни делови од градот се обидуваат да пробијат полициски кордони за да прекинат одржување на самитот.

Портпарол на Меланија Трамп изјави дека првата дама на САД не можела да ја напушти својата резиденција и да учествува во предвидената програма бидејќи обезбедувањето „не добило зелено светло од полицијата“.

Доналд Трамп беше присилен да патува по обиколни улици за да стигне на местото на одржување на самитот.

Групата Блок Г20 – Обојте црвена зона, претходно објави дека ќе направи се за да го попречи одржувањето на самитот.

Полицијата во Хамбург користеше водени топови и солзавец за да растера демонстранти пред почнувањето на самитот на Г-20. По вчерашните немири, демонстрациите продолжија денеска наутро со цел да се попречи доаѓањето на делегациите на официјалното отворање на самитот на Г20.

На почетокот на самитот, германскиот канцелар Ангела Меркел службено изрази добродојде на челниците на држави од Г-20 на самитот во Хамбург додека делгациите се обидуваат да премостат различни ставови и да се договорат за завршната декларација.

Во синоќешните немири повредени беа 111 полицајци, 29 луѓе се приведени, а 15 се задржани во притвор.

Полицијата утрово соопшти дека е во тек операција против насилни лица кои фрлаат молотови коктели и палат полициски возила во квартот Алтона.

Четири полициски хеликоптери го надлетуваат градот.

Share.