Во Националната установа универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” Битола се отвори новата читалница на ЕВН Македонија, која е продолжение на нивниот проект за поддршка на македонската литература и творештво и поттикнување на читачките навики.
Во оваа читалница отсега ќе биде сместана и Австриската библиотека, која како составен дел на НУУБ „Св. Климент Охридски” Битола функционира од септември 2012 година.
Еднаш неделно во читалницата ќе се одвиваат едукативни работилници за млади на возраст од 6 до 14 години, кои ќе ги спроведува асоцијацијата за истражување, комуникации и за развој „Паблик” во соработка со Здружението за граѓански активизам ФОРУМ 16 – Битола. Во Битола, во оваа фаза, работилниците ги посетуваат групи од следниве основни училишта: „Коле Канински”, „Св. Кирил и Методиј” и „Св. Климент Охридски”.
На овие работилници, преку неконвенционални методи ќе им се доближи книгата на учениците, притоа тргнувајќи од индивидуалните потреби и капацитети на децата. Тимот едукатори ќе настојува навиката за читање да ја подобри преку низа техники, кои ги опфаќаат социјалниот аспект, но и интеркултурната димензија вклучувајќи ученици од различни етнички групи.