Обуки за наставниците и стручните работници за настава со деца со посебни образовни потреби

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Основното училиште „Коле Канински“ е едно од училиштата во Битола кои подолг период работат на инклузијата на децата со посебни образовни потреби. И во престојната учебна година тие ќе продолжат со програмата за образовни и лични асистенти, но и ќе продолжат со традицијата за аплицирање на инклузивни проекти. Пред нив е предизвикот за почетокот на оваа учебна настава кога се работи за онлајн наставата особено со ученици со посебни образовни потреби.


-Ние во нашето училиште имаме ученици со посебни образовни потреби, ученици со потешкотии, ученици од ранливи категории, но вложуваме се што може да се извлече максимумот кај нив. Онлајн наставата која се реализираше во нашето училиште придонесе сите да бидат вклучени, но со одредена поддршка, ние како училиште ја имаме таа среќа да имаме образовни и лични асистенти, кои им помагаат на децата, наставниците и родителите, изјави д-р Аница Златевска, психолог и координатор на инклузивниот училишен тим.


Со цел да се стекнат со вештини преку кои поквалитетно ќе ги вклучат сите ученици со различни образовни потреби во наставата, наставниците и стручните работници од ова училиште беа дел од обуката за асистивна технологија како дел од проектот „Инклузија на деца со посебни образовни потреби“ на здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“.


-Сакаме да дадеме поддршка на наставниците особено во време на пандемија каде што се спроведува онлајн наставата што значи технологијата за децата со попречености, технологијата се користи, но многу од учениците кои имаат попречености им е тешко да работат на стандарден начин, изјави Марија Велиновска – Велковска, специјален едукатор и рехабилитатор.
-Имајќи ги предвид специфичностите во инклузивното образование, сметаме дека со самото спроведување на овие обуки ќе придонесеме за подобар квалитет на образование, на сите ученици, не само за ученици со посебни образовни потреби, изјави Марија Цакиќ, специјален едукатор и рехабилитатор.


Во Битола, покрај „Коле Канински“, обука имаше и за наставниците и стручните работници од училиштето „Елпида Караманди“. Со обуките кои се дел од проектот се опфатени 10 училишта од 5 општини во државата.

Share.