Од денеска блокада на железничкиот сообраќај

0
636

Домашниот товарен и патнички сообраќај од утрово е комплетно блокиран поради протестот на машинскиот персонал во Македонски железници транспорт. Пропуштен е само експресниот воз Белград-Скопје-Солун.

Протестот, што почна вчера со редуцирање на сообраќајот, според машинскиот персонал ќе продолжи до исполнување на барањата за кои вчера не беше постигнат договор со менаџерскиот тим. Вработените во Македонски железници се уште не го добиле вториот дел од платата за април, а ја очекуваат и платата за мај.

По најавата за уште еден протест, кој ќе го парализира железничкиот сообраќај, новопоставениот директор Игор Коруновски ги повика на средба работниците. По средбата тој изјави дека во најскоро време ќе се најде решение, кое на сите ќе им биде во прилог. Машинскиот персонал минатата недела се сретнал и со новиот министер за транспорт и врски, Горан Сугаревски. Од неговиот кабинет, преку соопштение информираа дека тој им најавил долгорочно решение согласно законските регулативи.