define('WP_AUTO_UPDATE_CORE', 'minor'); Почна постапката за импичмент на претседателот Трамп - ТЕРА

Почна постапката за импичмент на претседателот Трамп

Претставничкиот дом на Конгресот на САД денеска треба да гласа за резолуција со која почнува процес на импичмент на претседателот Доналд Трамп, поради улогата во поттикнувањето на толпата негови приврзаници да влезе во зградата на Конгресот на 6 јануари.

Во текот на минатата ноќ Претставничкиот дом усвои резолуција во која се бара од потпретседателот на САД Мајк Пенс да се повика на 25- от амандман од Уставот и да одржи гласање на кабинетот за разрешување на Трамп.

Тоа би значело дека Пенс и поголемиот дел од администрацијата на Трамп ќе мора да го прогласат Трамп за неспособен за извршување на своите должности.

Потпретседателот Мајк Пенс сега има рок од 24 часа да каже дали е подготвен да постапи според усвоената резолуција.

Пенс претходно одби ваков потег. Во писмото до спикерот на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, тој тогаш напиша дека не ја прифаќа таа иницијатива и дека нема да го стори тоа.

Претставничкиот дом се очекува денеска да гласа за отповикување на претседателот во заминување од функцијата, под обвинение дека тој го иницирал бунтот во Конгресот. Со четворица републиканци кои се изјаснија дека ќе го поддржат отповикувањето на претседателот Трамп за поттикнување на насилниот упад во Конгресот, при што загинаа пет лица, демократите во Претставничкиот дом се пред историско гласање за смена на претседателот, на осум дена пред официјалното завршување на неговиот мандат.

Доколку Претставничкиот дом го отповика Доналд Трамп, тој ќе стане единствениот американски претседател кому ова му се случило двапати во текот на неговиот мандат.

Сподели