Почнува вакцинација против сезонски грип

0
586

Од среда започнува вакцинација против сезонски грип и ќе се врши во центрите за јавно здравје и нивните подрачни единици низ цела држава, во Битола ќе се вакцинира во две смени од 7:30 до 18:00 часот.

– Оваа година во Центарот за јавно здравје набавени се околу 3800 вакцини, од кои околу 2800 вакцини наменети се за во Битола, околу 700 за Кичево, 200 за Демир Хисар и околу 400 за во Ресен, изјави Прим.д-р Елизабета Крстева директор на Центар за јавно здравје

Од Министерството за здравство соопштуваат дека годинешната вакцината ги покрива типовите вирус на грип кои циркулираат во северната хемисфера, вклучувајќи го европскиот регион и Македонија. Вакцината е подготвена согласно препораките на СЗО и штити од два типа на вируси од групата A и еден тип на вирус од групата Б, а производител е фармацевтската компанија „Абот“ од Холандија.

– Вакцинацијата е единствена превентивна заштитна мерка против грип и се препорачува за лицата над 65 години, особено хронично болните лица, мали деца под 3 години со намален имунитет, здравствени работници, лица со кардиоваскуларни и респираторни заболувања, како и воопшто за лица со намален имунитет, не се препорачуваат на луѓе кои се алергични на јајца или на пилешки протеини и на некои лекови како гарамицин, изјави Прим.д-р Елизабета Крстева директор на Центар за јавно здравје

Инаку, секоја година од сезонски грип заболуваат илјадници луѓе, а во изминатите години имаше и смртни случаи од компликации кај хронични болни. Најголемите пикови на грип обично почнуваат пред новогодишните празници и циклично може да траат до март или април. Покрај вакцината која се препорачува за превенција од грип, задолжително е проветрување на простории и избегнување на движење во поголеми групи на луѓе во периодот кога грипот зема најголем замаф.

Вакцината против грип е незадолжителна вакцина и се дава на доброволна база. Цената на вакцинацијата против сезонски грип изнесува 400 денари, како и минатите години.