Попов до политичарите: Со сила и на сила убавина нема

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмски работници, годинава му припадна на една од најистакнатите личности на македонската кинематографија, режисерот Столе Попов. Наградата свечено му ја врачи претседателот на ДФРМ, Игор Иванов.

 

„Филмовите на Столе Попов не излегуваа од киносалите, репликите од неговите филмови се дел од урбаниот живот и жаргон на скопјани, на луѓето од Битола, на сите кои живееме овде. Тој е несомнено еден од најголемите културни дејци на времето кое го живееме и во годината во која нашето Друштво на филмските работници на Македонија ја одбележува 70-годишнината од своето постоење, исклучително ми е драго што нашето најголемо признание „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ ќе му ја доделиме на Столе Попов“, рече Иванов.

Заблагодарувајќи се за наградата Попов рече дека секоја награда со годините може да се релативизира, но сепак има  два типа на признанија кон кои не може да биде индифирентен и ги прима со голема радост, а тоа се наградите од публиката и од колегите.

„Секој што се занимава со филм знае за тешкиот и макотрпен пат да се дојде до филм, тоа се илјадници помали и поголеми битки, од најтешката битка со самиот себе си за да се оствари визијата која ја носите во себе и на најсугестибилен начин да ги придобиете соработниците со кои работите  за да од практично ништо направите нешто што публиката ќе го засака и ќе го гледа и тоа нема да се изгуби со текот на времето. Моите филмови главно се занимаваат со вечната тема во кинематографијата, тоа е пред се’ слободата и љубовта. Нема ништо поиманентно  за слободата од идентитетот на човекот, неговиот јазик, неговата култура, неговата духовност и духовноста на средината во којашто живее. Би сакал да скренам внимание на луѓето кои се занимаваат со политика да не забораваат и да не ги занемаруваат тие фундаментални вредности на светската цивилизација и демократија, кои се’ почесто се занемаруваат и губат. Да имаат една работа на ум дека со сила и на сила убавина нема”, рече Столе Попов.

„Гледајќи ја оваа награда посебно ми е драго дека тука пишува дека Друштвото на филмските работници на Македонија ми ја доделува оваа награда, посебно ми е драго дека е задржано генеричкото име, она име  кое што треба да стои и мислам дека е време да исчезнат било какви комбинации околу некои бришења или негации кои што дури одат до тоа да не знам…придавките исчезнат и ткн. што мислам дека никогаш не биле предмет на разговор, а камоли на прифакање“ рече режисерот Столе Попов.

 

Share.