Пратениците на ЕП сакаат да го укинат поместувањето на часовникот

0
625

Група од 70 пратеници на Европскиот парламент се залага за укинување на директивата на Европската комисија за поместување на стрелките на часовникот двапати годишно.

Како што е наведено, барањето за укинувањето на поместувањето на часовникот два пати годишно, е иницирано поради зголемените докази за негативното влијание на оваа практика.

„Научните истражувања покажуват дека 20 отсто од населението страда од здравствени проблеми поради промената на часот“, рече Павел Свобода (ЕПП), чешкиот пратеник кој ја води неформалната работна група од 70 парламентарци собрани околу оваа иницијатива.

Покрај негативното влијание врз човечкиот биоритам „промената на стрелките на часовникот води кон повеќе сообраќајни несреќи, повеќе нарушувања во семејствата, како и пад на продуктивноста на работното место“, рече Свобода на прес-конференција во Европскиот парламент во Стразбур.

Исто така, додаде, поместувањето на часовникот беше воведено со цел заштеда на енергија, но оваа цел никогаш не е исполнета.

„Студијата на непристрасната служба на ЕП за истражувања јасно покажа дека укинувањето на промената на времето е добро за нашите 510 милиони граѓани“, тврди чешкиот пратеник.

Свобода вели дека овој предлог има силна поддршка од земјите-членки, при што Полска веќе ги презема првите законски чекори по ова прашање, објави Хина.

Свобода најави дека спомнатата работна група ќе даде предлог резолуција која бара од Европската комисија да даде предлог за укинување на оваа практика, па во блиска иднина се очекува гласање за ова прашање во ЕП.

www.mkd.mk