Се подготвува новиот Закон за бесплатна правна помош

0
199

Министерството за правда подготвува нов Закон за бесплатна правна помош. Како што велат од Министерството, една од причините за донесување на новиот Закон за бесплатната правна помош е недоволна достапност на правната помош за најранливите категории, а цели на законското решение се проширување на опсегот на корисници на бесплатна правна помош; јакнење на капацитетите на подрачните одделенија на Министерството за правда; оптимизација на адвокатските трошоци за бесплатна правна помош, проширување на трошоците поврзани со бесплатна правна помош и надзор врз квалитетот на работата на бесплатната правна помош.

Во Стратегијата за реформи во правосудството се истакнува дека определбата на Република Македонија да стане полноправна членка на ЕУ ја наметнува обврската да се регулира системот на правната помош во согласност со правната рамка и стандардите на ЕУ во оваа сфера.

„Законот за бесплатна правна помош е донесен во 2009 година, а со примена започна во 2010 година при што се забележани три основни проблеми: 1) недоволна достапност за најранливите категории, вклучувајќи ги и децата во ризик (поради лошото спроведување); 2) рестриктивни критериуми за утврдување на квалификувани страни кои може да даваат правна помош; 3) енормно високи трошоци исплатени на само 39 од вкупно 329 регистрирани адвокати кои даваат правна помош“, се вели во Стратегијата.

Постојниот систем, се додава во Стратегијата, освен од адвокати се состои од помалку од 30 подрачно стационирани правници на Министерството за правда и правници поддржани од 7 граѓански организации кои низ целата земја ја мобилизираат заедницата и се вклучени во процесот на посредување, обезбедувајќи бесплатна правна помош.

Бројката на поднесени барања за бесплатна правна помош останува релативно ниска. Процентот на одобрени барања за бесплатна правна помош е под 50% од поднесените барања. Буџетот на РМ за бесплатна правна помош веќе со години наназад изнесува 3.000.000 денари, што претставува еден од најскромните буџети во Европа, но затоа просечните трошоци за правна помош по предмет во РМ се највисоки во Европа.

„Ова укажува на сериозен проблем во концептот кој овозможува прелевање на буџетските средства кај мал број адвокати, со што се оневозможува поголем број од потенцијалните баратели да имаат пристап до бесплатна правна помош поради немање доволно финансии“, се вели во Стратегијата.

„Системот за правна помош во кривични предмети се регулира со Зaкoнот за кривична постапка и се спроведува од страна на судството, при што секој суд формално има своја буџетска линија за т.н. случаи ‘по службена должност’. Во практиката, сепак, бидејќи судовите немаат средства во оваа буџетска линија, трошоците ги користат од генералната буџетска линија на судот за договори и услуги“, се додава во Стратегијата.

Состојбите во системот на бесплатната правна помош со години наназад ги бележи Европската комисија која констатираше, пред сè: 1) недоволно финансирање на системот за бесплатна правна помош во апсолутен и релативен контекст во однос на компаративните европски стандарди; 2) недостаток од холистички пристап при поврзувањето на функциите и распределбата на улогите на разни актери од државниот и недржавниот сектор во рамките на системот за правна помош.

Во Стратегијата за реформа на правосудството во однос на бесплатната правна помош, како стратешки насоки се издвојуваат: воспоставување ефективен, ефикасен и одржлив систем за бесплатна правна помош преку донесување на нов Закон за бесплатна правна помош, унапредување на финансирањето на системот за правна помош, доведувајќи го поблиску до средната вредност на CEPEJ во однос на БДП на државата, соработка меѓу сите чинители во системот на бесплатна правна помош, зголемување на степенот на информираност за бесплатна правна помош и развивање механизми и индикатори за следење на квалитетот на бесплатна правна помош.

akademik.mk