Шекеринска направи увид во реконструкцијата на трафостаницата Битола 2

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Вицепремиерката и министерка за одбрана Шекеринска придружувана од директорите на МЕПСО, ЕСМ и на РЕК Битола, Шуклева, Ковачевски и Ќурчиевски како и градоначалничката на Битола Петровска, денес направија увид во градежните работи за реконструкција на трафостаницата Битола 2, како дел од прокетот за Ревитализација и модернизација на преносната мрежа. Директорката Шуклева напомена дека реконструкцијата е од голема важност за целиот регион, имајќи ја во предвид улогата на трафостаницата како важен енергетски јазол. Кажа дека после 38 години дел од опремата ја заменуваат со нова, современа и посигурна.

„Оваа трафостаница е енергетски јазол со огромно значење во преносната мрежа. На оваа трансфостаница станица е приклучен и тука ја предава електричната енергија РЕК Битола, најголемиот производител во земјава на електрична енергија.Од оваа трафостаница се снабдуваат со електрична енергија и двата рудника за ископ на јаглен Суводол и Брод-Гнеотино кои обезбедуваат погонско гориво за производството во РЕК Битола.Поради процесот на работа, рехабилитацијата на постројката ја вршиме во повеќе фази.Во оваа фаза  менуваме 13 стари и недоверливи 110 kV прекинувачи, а се вршии демонтажа на старите системи за управување.  Изведувач на работите за реконструкција на ТС Битола 2 е хрватската реномирана компанија „Далековод“ која беше избрана како најповолен понудувач на меѓународен тендер согласно со условите на Европската банка за обнова и развој. Времетраењето на договорот е 30 месеци; започнат е на почетокот на 2019 година. Вредноста на договорот е 1 милион евра. Во овој проект како подизведувач учествува домашната компанија БИС инжинеринг“, рече директорката на МЕПСО Ева Шуклева.

Проектот за реконструкција на трафостаницата Битола 2 во рамките на проектот за Ревитализација и модернизација на преносната мрежа  е финсиран со заем од Европската банка за обнова и развој.

Значењето на стабилниот електроенергетски преносен систем е огромно за стопанството и развојот на економијата, рече Петровска и се заблагодари за поддршката од централната власт и Европската Банка за обнова и развој.

„Ова е значајно и за Општина Битола затоа што овозможува стабилност на системот во самата општина, значајно е на ниво на држава, но особено е значајно што интерконекцијата помеѓу Албанија, Северна Македонија, Бугарија и Грција добива  една додадена вредност која што дава свој придоес за развојот на целиот регион. Ако вака глобално ги гледаме работите, тогаш навистина постои перспектива за развој на регионот, меѓутоа и за вклопување на целиот овој систем гледано во рамките на Европа и во рамките на светот“, посочи градоначалничката Наташа Петровска.

Шекеринска истакна дека ова е капитален прокт со кој Владата инвестира и во енергетиката.

„Навистина ми е драго и овие неколку дена сум на посета на проекти кои го прикажуваат пристапот на Владата. Не се сликам пред жални врби, не давам изјави пред скапи споменици, туку секој ден присуствувам на завршени проекти кои значат помош за економијата за инвестициите за побрз развој и повисоки плати.Ова е навистина капитален проект, од самиот почеток сите инвестиции и пари ги насочуваме да се враќаат во економијата и кај граѓаните. Затоа нашата цел беше да инвестираме во патна инфраструктура, училишта и болници. Но еден од нашите приоритети се и инвестициите во енергетиката, рече министерката Радмила Шекеринска.

Трафостаницата Битола 2 за прв пат е приклучена на преносната мрежа во далечната 1982 година, кога воедно бил вклучен и првиот блок за производство на електрична енергија во Рек Битола.

Share.