Што е на дневен ред на денешната владина седница?

0
409

Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи својата редовна 36-та седница со повеќе точки на дневен ред.

На денешната седница владата ќе ја разгледа предлог-уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за распоредувањето на одредени стоки во Комбинираната номенклатура согласно со регулативите на Европската Комисија.

На дневниот ред на седницата денеска ќе се најде и предлог-одлуката за изменување на Одлуката за основање на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Македонски железници – Скопје.

На предлог Јавно претпријатие за стопанисување со државните шуми Македонски шуми – Скопје, на оваа седница на владата ќе биде разгледана информацијата за спроведување на пошумувањето на површините предвидени за акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“ за есенскиот дел во 2017 година, со динамика и акциски план за реализација на оваа акција.

Министрите во владата на денешната седница ќе расправаат и за предлог-правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за начинот и постапката на вршење на официјалните контроли на производите од животинско потекло наменети за исхрана на луѓето, на предлог на Агенцијата за храна и ветеринарство

Управата за извршување санкции на денешната седница ќе ја презентира информацијата за напредокот на проектот Реконструкција на казнено-поправните установи во Република Македонија, како и информацијата за изградба на притворско одделение со придружни објекти и судница во Казнено поправната установа „Идризово“.

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на седницата денеска ќе поднесе предлог-програма за изменување на програмата за финансиска поддршка во рибарството и аква културата за 2017 година, а Министерството за економија ќе ја презентира информацијата за текот на преговори за пристапување кон спогодбата на светската трговска организација за јавни набавки со предлог-текст на иницијална понуда.

Владата денеска ќе ја разгледа и информацијата во врска со извршената евалуација од Јавниот повик за доделување на концесии за детални геолошки истражувања на минерални суровини, како и информација во врска со донесување на Програма за изменување на Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2017 година.

На седницата денеска е и информацијата во врска со донесување на Програма за изменување на Програмата за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата и за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата за 2017 година.

Министрите во владата денеска на дневен ред ја имаат и информацијата за потреба од доставување на апликација за обезбедување на техничка помош грант средства од Акцискиот план CONNECTA за проектот „Изградба на заеднички железнички граничен премин со придружни содржини ‘Табановце’ помеѓу Република Македонија и Република Србија“, за изработка на техничка документација за пристапен пат меѓу патниот и железничкиот премин

Министерството за животна средина и просторно планирање на седницата ќе ја презентира информацијата за напредокот во спроведување на ЕУ-ИПА проектот „Изградба на пречистителна станица за отпадни води Прилеп“

На предлог на Заменик претседателот на Влада на РМ за економски прашања, владата ќе ја разгледа информацијата за склучување на Меморандум за разбирање помеѓу Република Македонија и Швајцарија, застапувана од Амбасадата на Швајцарија во Република Македонија- Швајцарска агенција за развој и соработка за Програма за одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој.

Министерството за информатичко општество и администрација на денешната седница ќе го понуди на разгледување Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за административни службеници, а на предлог на Генералниот секретаријат министрите ќе расправаат и за предлог-одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за формирање на Совет за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и граѓанскиот сектор.

На денешната седница на владата е и предлог-решението за именување претседател, национално контакт лице, членови и секретар на Националната комисија за мало и лесно оружје.

На предлог на Министерството за економија, владата денеска ќе го разгледа извештајот за реализација на Програмата за реализација на „Стратегијата за развој на енергетиката за период 2013 – 2017 година“, за 2016 година, a Управата за јавни приходи, на предлог на Министерството за финансии, ќе ја презентира информацијата на Управата за јавни приходи за прогрес во реализација на проектот “Е-Аукции – продажба на запленета стока за наплата на даночни долгови во првото полугодие на 2017 година”.

На денешната 36-та седница, владата ќе ги разгледа и извештаите за работата на повеќе јавни претпријатија, и други друштва и компании во државна сопственост.