Следното судење за Транспортер закажано за 13 декември

0
874

Судењето за случајот „Транспортер“ е презакажано за 13 декември кога Основниот суд Скопје 1 ќе направи трет обид за старт на судскиот процес во кој СЈО го обвини поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески и уште 20 лица за злоупотреби со превозот на ученици од Битола.

Почетокот на главната расправа од судскиот процес за случајот „Транспортер“,  денеска повторно се одложи бидејќи на рочиштето не дојде една од обвинетите која била на боледување.

Ова е второ одложување на судењето, откако на претходното рочиште на 28 септември не дојде друга обвинета, поради сообраќајка на патот Битола – Скопје.

Обвинителот на СЈО, Трајче Пеливанов, по денешното одложено рочиште за случајот „Транспортер“, рече дека се против издвојување на постапката за еден обвинет кој бараше да биде одложена постапката бидејќи има концертна турнеја. „Не можеме да претпоставиме што би се случувало во иднина, но правиме сè што можеме за побрзо да започне главната расправа“, рече Пеливанов.

На прашањето дали постои можност од бегство на обвинетиот кој бараше да биде одложено судењето, Пеливанов рече дека постои и доколку тоа се утврди, ќе ги искористат законските можности да обезбедат негово присуство.