Талески се враќа во битолскиот театар

0
4447

Поранешниот градоначалник на Битола Владимир Талески денеска доставил барање до НУ Народен театар Битола за враќање на неговото поранешно место актер во битолскиот театар.

Оваа информација за Тера ја потврдија од управата на театарот, од каде што велат дека согласно процедурите ќе постапат и истото ќе го препратат до надлежното министерсто, за да може комплетно да се реализира барањето за негово враќање на оваа работно место.

Од своето дипломирање во 1983 година, па сѐ до избирањето за градоначалник на Битола во 2005 година, Талески работел како актер во Битолскиот народен театар. Притоа, тој играл голем број главни улоги во дела од светски и домашни автори, како: Шекспир, Софокле, Горан Стефановски, Антон Панов, Јордан Плевнеш и други. Така, тој ја играл насловната ролја во „Хамлет“ од Шекспир; гостувал на „Мала Брона“ во Москва, бил учесник на „Дубровнички летни игри“ со претставата „Лир“ од Едвард Бонд, како самостоен проект на фестивалот; а во 1998 година бил учесник во проектот „Landscape X – part Eurelien“ во Стокхолм, со претставата „Alien Busters“ на Горан Стефановски. Исто така, учествувал на повеќе театарски фестивали: „Месс“ во Сараево, „Стериино позорје“ во Нови Сад, „Еуроказ“ во Загреб, „Интернационален фестивал“ во Љубљана, „Охридско лето“ во Охрид, „МОТ“ во Скопје, „Будва – фест“ во Будва, „Алтернативен театар“ во Подгорица, „Фестивал на детето“ во Шибеник, „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, „Ристо Шишков“ во Струмица, и други. Се занимавал и со пишување на текстови за театарски претстави и сценарија за телевизиски претстави, стои меѓу другото во неговата актерска кариера.