Терорист застрелан на главната железничка станица во Брисел

0
845

Еден се уште неидентификуван маж, кој носел појас со експлозив, е неутрализиран и „сериозно“ ранет вечерва од страна на припадници на белгиската армија при обид да се саморазнесе на Централната железничка станица во главниот град на Белгија, јави дописникот на МИА од Брисел.

Белгиското Јавно обвинителство соопшти дека „терористот“ бил застрелан додека се обидувал да предизвика експлозија на Централната станица во Брисел.

Според белгиското Обвинителство, лицето чиј идентитет засега не се открива, го привлекло вниманието на патрола на белгиската војска, чии припадници повеќе од една година патролираат по улиците на градовите во Белгија, поради високиот степен на претпазливост од можни терористички напади.

Засега нема дополнителни информации, но во Брисел во сила е општо предупредување.

Централната железничка станица и плоштадот Гранд Плац во Брисел се затворени.

Во исто време, белгиската полиција испрати официјално соопштение преку социјалната мрежа Твитер, во кое само информираа дека „се е под контрола“ и побара да се следат информациите за железничкиот и метро сообраќај во земјата и во главниот град.

Претходно, како што јави ДПА повикувајќи се на полициски извори, бриселската Централна железничка станица е евакуирана поради наводна експлозија.