Тевдовски и Заев го бранеа буџетот

0
417

Предлог-буџетот за 2018 година кој Министерството за финансии го претстави минатата недела, а треба да биде усвоен од страна на Владата и потоа испратен до Собранието, според премиерот Зоран Заев претставува буџет за финансиска стабилизација.

„Ова е буџет за финансиска стабилизација. Продолжуваме и со земање кредити со кои ќе се поддржат само инфраструктурни проекти. Но, она што значи и стабилизација и исправени сме пред покачувањето на акцизата на нафтата од три денари за да може да ги покриеме оние обврски што се значајни за граѓаните, а да не биде само од земање кредити“, рече премиерот Заев во синоќешната дебата на МТВ организирана во рамки на политиката на Владата за отчетност и транспареност во носењето на Буџетот уште во фазата на неговата подготовка пред тој да биде изгласан од Владата.

Премиерот појасни дека парите ќе одат за училишта, градинки, библиотеки, за рамномерен регионален развој, капитални инвестиции, за здравството и образованието.

Според Заев, со зголемување на акцизата на нафтата цената ќе остане најниска во регионот. Во Македонија е 0,8 евроценти, во Косово 1 евро, Србија и Бугарија 1,2 евроценти. Со зголемување на акцизата цената ќе изнесува 0,86 евроцентри и според премиерот ќе биде најниска.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски во интервју за МТВ изјави дека мерката околу акцизата отворено ја соопштиле пред да биде донесена.

„Во Македонија многу работи се протнати низ затворена врата. Сакаме и критики“- вели Тевдовски.

Професорот Абдулменаф Беџети вели дека акцизите ќе имаат влијание, но не толку големо како што се создаде фама овие денови.

Професорот Борче Треновски рече дека предизвикот да се обезбедат средства е голем.

„Акцизата нема многу голем ефект на инфлацијата, нема директен ефект. Оваа фама малку ме загрижи. Ние сами ако си создаваме фама, еве сега сидникатите бараат зголемување на плати. Притисокот е голем, очекувањата се големи“ – вели Треновски.

Eкс министерот за финансии, Трајко Славевски вели дека природно е секоја нова давачка да предизвика негативни реакции.

„Не ми е јасно мене како граѓанин зошто не морам да праќам РДТ, а ќе ми се зголеми акциза, за дизелот. Знаете доаѓа во еден несреќен  тајминг. Кога е проектирана оваа мерка, цената на нафтата беше околу 50 долари. Владата ќе биде изложена на поголем притисок“ – рече Славевски.

Тевдовски на интервјуто изјави дека лекарите и луѓето кои работат во градинките мора да земаат повисоки плати, а тоа на долг рок ќе има ефект.

Премиерот Зоран Заев во интервју за МТВ рече дека транспарентноста ќе доведе до рационално трошење на буџетот.

Тој рече дека образованието е темел и е многу важно, а лекарите си заминуваат и затоа одлучиле да им ги покачат платите.

Предлог-буџетот Владата треба да го испрати до Собранието најдоцна до 15 ноември, а како што најави премиерот, тоа може да биде во четврток навечер или најдоцна до 15 ноември.