Трамп под истрага поради „попречување на правдата“

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Американскиот претседател Доналд Трамп е под истрага поради можно „попречување на правдата“. Истрагата е покрената за да се утврди дали тој ја попречувал истрагата за поврзаноста на Русија и неговиот изборен тим во текот на претседателската кампања во 2016 година, објави во средата „Вашингтон пост“, повикувајќи се на добро информирани извори.

Истрагата ја води посебен обвинител, Роберт Милер, а весникот пишува дека истражителите деновиве почнале со земање изјави од високи безбедносни функционери.

Весникот претпоставува дека наводното „попречување на правдата“ од страна на Трамп се однесува на барањето поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Комеј, да биде запрена истрагата во врска со поранешниот советник за национална безбедност, Мајкл Флин.

Комеј минатата недела сведочеше пред Конгресот и рече дека Трамп индиректно од него побарал да биде запрена истрагата околу врските на Флин со Русија.

Подоцна Трамп ова го негираше и го обвини Комеј дека лаже.

Оваа недела пред истражителите треба да се појават шефот на националната разузнавачка служба, односно директорот на Националната безбедносна агенција и неговиот заменик.

Од друга страна, адвокатот на Трамп, Мајк Кашвиц, изјавил дека е шокиран што информациите дека претседателот е под истрага се појавиле во јавноста.

„Вашингтон пост“ наведува дека под знак прашалник е дали ќе биде подигнато обвинение против Трамп, дури и во ситуација истрагата да има цврсти докази дека тој ги извршил делата за кои е обвинет.

Сепак, евентуалните докази би можеле да го натераат Конгресот да покрене иницијатива за разрешување на претседателот. н.ц.

https://makfax.com.mk

Share.