В понеделник се очекува одлука за јавни музички и културни настани

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Поради пандемијата предизвикана од коронавирусот, меѓу првите мерки кои беа преземени беше сите музички и културни настани да бидат откажани, а со тоа први на удар беа токму оние културни работници, уметници, музичари кои не се вработени и се хонорарци. Како изминува времето, така се бараат начини за повторно враќање во новата нормалност. Музичарите здружени во Фејзбук групата насловена „Музика сега“ преку петиција побараа од надлежните да се изнајде начин и протокол, за да може повторно да продолжат со работа.

Инаку „МУЗИКА-СЕГА!!!“ е иницијатива која што произлегува од највисокиот сојуз на музички здруженија, што го сочинуваат здруженија на композитори,
изведувачи, автори и нивните служби за остварување на изведувачки и авторски права но и самостојни и независни музичари и музичките работници.

А синоќа Министерот за здравство Венко Филипче, објави дека веќе разговарале за предлог протоколот, со претставниците на Здржението на културни работници.

„Претпладнево одржавме работен состанок со претставниците од Здружението на културни работници, каде разговаравме за предлог протоколот за организација на јавни настани во време на коронавирус. Им порачав дека ќе ја разгледаме оваа иницијатива и ќе постапиме согласно мислењата и препораките кои ги дава Комисијата за заразни болести. Да ги почитуваме препораките на здравствените власти и заеднички да го надминеме овој непредвидлив вирус“, напиша синоќа Филипче.

А утрово беше одржан и состанок каде беше разговарано на оваа тема, известија во Фејзбук групата „Музика сега“.

„Почитувани поддржувачи, членови и пријатели на Иницијативата МУЗИКА СЕГА!!!

Денес, 26.06 2020 оддржавме 10 минутен состанок со Комисијата за заразни болести, на чело со д-р. Жарко Караџовски и министерот Венко Филипче. На состанокот инициран од ЗКП на кој бевме поканети од страна на министерот, беа изложени протоколи кои ќе овозможат враќање на настапите во живо. Од страна на представник на ЗКП беа формално претставени дел од протоколите, оние околу организацијата на поголеми настани, јас изјавив дека ние се согласуваме со истите во голем дел бидејки нивните се пообемни и воглавно ги содржат нашите.

Ние од наша страна, службено ги предадовме сите наши протоколи, агендата и меморандумот во кои стојат и протоколите за помали настани од затворени тип“, напиша денес администраторот на „Музика сега“ Трајко Симоновски.

Од таму истакнаа дека одлуката по однос на ова барање, надлежните ќе ја соопштат во понеделник.

Share.