Видео: Како помина првата концертна вечер на „Илинденски денови“

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Синоќа под отворено небо во Пациото на Завод и музеј – Битола се одржа првата фестивалска вечер на 50-то издание на Републичкиот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“.

На програмата на првата вечер беше концертот на ансамблот „Македонија“. Фестивалот започна со традиционалното „Комитско“, КУД „Илинден“ од Битола е исконски поврзан со фестивалот „Илинденски денови“, не само поради името и патронот, големиот празник Илинден, туку и како најстар фолклорен ансамбл во Битола, основан во 1955 година во славното Јени Маале, а од самите почетоци на „Илинденски денови“ во 1971 година го отвора фестивалот со култното „Комитско“, но заради пандемијата со Ковид 19 и протоколот за организирање на јавни настани, изведбата беше прилагодена согласно мерките за заштита.

Ансамблот МАКЕДОНИЈА е репрезент на македонската традиционална култура. Единствен во државата, од ваков тип, ансамблот работи со кадар – професионалци, со кого раководат стручни лица од областа на традиционалната игра, инструменти и пеење.
Младите уметници достојно го претставуваат она што се нарекува минато, она што претставува духовна и материјална култура, со еден збор – генетскиот код на еден народ.
Токму затоа настапите на Ансамблот МАКЕДОНИЈА претставуваат предизвик за гледачите во музички и мисловен смисол. Тие го тераат и најиндиферентниот гледач да запее или заигра во ритамот кој се пренесува музички виртуозно и издржано, притоа давајќи нова, оригинална и веродостојна порака за разноликоста на македонската традиционална игра како и квалитетната музичка вклопеност на инструментите кои со векови опстојувале на овие простори.

Вечерва на програмата со почеток од 20:30 часот во пациото на Завој и музеј – Битола ќе настапат ОНИ „Рудина“ – Битола и други културно уметнички друштва.

Share.