(Видео) За два дена пронајдени 300 артилериски гранати кај стадионот

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

При вршење на ископ кај старата трибина од стадионот под „Тумбе кафе“, во правец кон старата касарна, биле пронајдени стари артилериски гранати калибар 75 мм од Првата светска војна. За два дена биле подигнати околу 300 гранати.
-По наши сознанија и според литературата станува збор за напуштен артилериски положај, кога одлучиле војниците да го напуштат теренот, ги закопале и затоа при ископ сега се појавија. Ова ни е трет ден како работиме, започнавме сами, потоа го вклучивме и пиротехничарот од Кичево, во зависност од потребите ќе вклучиме и други пиротехничари од Македонија, истакна димче Јошевски, раководител на подрачно одделение на ДСЗ Битола.
Опасноста од овие гранати постојано демнее, не се знае во кој момент може некоја да се активира.
-Доволно е едно да се иницира и да има инцидент од невидени размери. Собраните средства ќе бидат пренесени во магацинот во Битола и за кратко време ќе бидат однесени во Криволак и ќе се уништат, рече Драгољуб Поповски, пиротехничар од Подрачно одделение ДЗС Кичево.
-Во современите земји ова се врши на лице место уништувањето, за разлика од кај нас се врши транспорт, па складирање, па повторно транспорт се носат во Криволак, рече Ѓорѓи Стефанов, пиротехничар од подрачно одделение ДЗС Битола
Пиротехничарите велат дека и наредните 50 години Македонија ќе биде контаминирана со вакви средства и затоа е потребен нов кадар кој треба да се обучи наредните години. Во државата моментално има вкупно 7 пиротехничари од кои двајца имаат над 64 години.

Share.