Винтон на средба со Петровска

0
814
SONY DSC

Градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, денес оствари официјална средба со постојаниот координатор на Обединетите нации и постојан претставник на УНДП во Република Македонија, г-ѓа Луиза Винтон.

На средбата се разговараше за повеќе важни прашања насочени кон продлабочување на соработката помеѓу општина Битола и УНДП, со посебен акцент на најзначајните области во кои треба да бидат преземени конкретни чекори, со цел решавање на повеќе проблеми и остварување резултати кои се од суштинско значење за подобрување на животот во општината.

Во таа насока, главен акцент беше ставен на продолжување на соработката во рамките на програмата Општинско – корисна работа која има за цел да овозможи социјално вклучување на невработени лица, преку нивно ангажирање на определено работно време, заради стекнување на одредени вештини и постепено вклучување на пазарот на трудот, а со тоа и намалување на невработеноста. Преку оваа програма и продолжувањето на реализацијата на проектот „Образовни асистенти – за подобро образование”, се овозможува преку обезбедување на услуги од социјалната сфера да се помогне на лица кои живеат на територијата на локалната самоуправа, притоа намалувајќи ја невработеноста, а истовремено подигнувајќи го квалитетот на живот и образование на учениците со попреченост.

Покрај за проектите од социјалната, образовната и економска сфера, на денешната средба се разговараше и за програмите и проектите од областа на заштитата на животната средина за кои што УНДП обезбедува финансиска поддршка, во чии рамки беа разгледани можностите за делување со конкретни активности во заштита на НП Пелистер.

Со оглед на важноста на сите области за кои денес беше разговарано, очекувањата на двете страни се дека, Општина Битола и УНДП, во идниот период се повеќе ќе ја зајакнуваат меѓусебната соработка со конкретна реализација на повеќе проекти, соопштија од општината.