Владата ќе го отповика почесниот конзул во Шпанија обвинет за убиство

0
549

Министерството за надворешни работи денеска на седница на Владата ќе достави предлог за затворање на Почесниот конзулат на Република Македонија во Кралството Шпанија, со седиште во Барселона и предлог за отповикување на почесниот конзул на Република Македонија во Кралството Шпанија, со седиште во Барселона, соопшти владината прес служба.

Оваа функција ја извршува Марио Деус, според достапните информации во јавноста стоматолог од Барселона и сопственик на уште една приватна фирма.

Јавноста за него дозна во април годинава, кога во шпанските и во други странски медиуми се појави информација дека тој е уапсен во Јужна Африка, осомничен за убиство на неговите две деца, тригодишни близнаци.

Поранешната сопруга на Деус, Швеѓанката Џулиа Енгелхорн ги пронашла телата на близнаците Максимо и Октавија, во изнајмена вила во близина на Кејп Таун.

Полицијата соопшти дека Деус, кога ја забележал својата поранешна сопруга во вилата, побегнал со нејзиното возило, но подоцна бил уапсен во предградие.

Деус се соочува со две обвиненија за убиство и едно за кражба на моторно возило.

Следниот ден, кога требаше да се појави на рочиштето, медиумите објавија информација дека тој пробал да се самоубие. Оттогаш во јавноста нема информации за него.

http://novatv.mk