Во буџетот има средства од 180 милиони евра кои владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги остави

0
403

„ СДС денес призна уште една своја голема лага со која ги манипулираше и плашеше граѓаните: дека во буџетот на Република Македонија немало пари и дека Македонија е пред економски колапс.

Во буџетот има средства кои владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги остави. Се работи за сума од 180 милиони евра, од кои околу 50 ќе одат за исплата на земјоделски субвенции.

За споредба, владата на СДС во 2006-та година во буџетот остави само 3 милиони евра, но и десетици извршни решенија од изгубени судски рочишта со што ја блокираше тогаш новата влада на ВМРО-ДПМНЕ.

Денес на своите фејсбук профили гордо со исплатените субвенции за земјоделците, пензиите и стипендиите на студентите се пофалија членови на владата и парламентарната група на СДС.

Сите овие проекти ВМРО-ДПМНЕ ги третираше како проекти и реформи од највисок интерес. Земјоделски субвенции во време на СДС немаше воопшто, а во изминатите 10 години на земјоделците им се исплатени повеќе од 1 милијарда евра. Подигнати се значително и пензиите и стипендиите за студентите.

Проектите и реформите што ги реализираше владата на ВМРО ДПМНЕ се од полза на сите граѓани и заради тоа најголем дел од нив и во декември гласаа за програмата „Реално“. Со постизборна измама СДС успеа да обезбеди мнозинска поддршка, така што граѓаните сега од нив очекуваат не само да се фалат со проектите отпочнати и реализирани од ВМРО ДПМНЕ туку да ги остварат ветувањата за изградба на нови 500 километри автопат, просечна плата во висина од 30 000 денари, 16 000 денари минимална плата и 100.000 денари плата за докторите“ стои во соопштението на партијата.