Задржани бегалци на пат кон Македонија

0
391

Грчката полиција сопрела околу 200 мигранти и баратели на азил кои тргнаа од Солун кон границата со Македонија со надеж дека оттаму можат да го продолжат патот кон другите европски земји.

Десетици грчки полицајци во опрема за демонстрации со штитови во текот на вчерашниот ден ги истуркале мигрантите во близината на центарот на Солун и им го блокираа патот со полициски автобуси. Мигрантите, меѓу кои имало и семејства со мали деца, одбиле да се разотидат и седнале на улица. Никој не е повреден во кусото соочување од двете страни, по кој мигрантите беа спречени да се упатат кон границата со Македонија, за оттаму да го продолжат патот кон централна Европа.

Десетици илјади бегалци и мигранти во моментов се заглавени во Грција, во неможност да одат кон нивните посакувани дестинации во Европа, откако земјите ги затворија копнените граници на почетокот од минатата година, затворајќи ја балканската рута.