Заев: Се обврзуваме за живот во Македонија за сите

0
569

Започна 22 конгрес на СДСМ, на кој се обрати лидерот на партијата Зоран Заев. Тој се заблагодари за поддршката на граѓаните и вети живот за сите во Македонија.

“Живот во Македонија за сите, од денес ова е наша света обврска исправена пред секој од нас. Граѓаните се на прагот да ја добијат својата Реформска влада. Од денес е можна обнова на општеството и нашите животи. Поминавме долг пат заедно, рамо до рамо по улиците низ вистината за Македонија, низ политичките процеси верувајќи во слобода, вистина, правда, еднаковост и напредок. Не мислевме само на себе, туку на сите нас. Еве ја можноста да изградиме заедничко подобро општество во сите. Ова не е крај на битката за животот, ова е нашиот почеток за Македонија. Знам дека надежта е одново разбудена, го оставаме зад нас минатото и уништените морални вредност. Имаме пружена шанса за секој, нови и добро платени работни места. Тоа ќе овозможи економски раст. Со пенкало и глас срушивме режим. Ни треба оптимизам, смиреност, посветеност и одлучност.  Верувам, а денес знам дека не сум сам во таа верба, различностите се нашата сила и со сета сила ке се борам против поделбите кои го ослабнаа општеството. Се обраќам до сите граѓани од кои добив поддршка да бидам иден премиер. Денес изразувам длабока и искрена благодарност, не затоа што го подржаа СДСМ , тука затоа што избраа  демократски вредности наспроти режим”, рече Заев на обраќањето на конгресот.

Тој вети дека СДСМ посветено ќе работи за да ја оправда довербата на граѓаните.

“Ветувам сега и тука, посветено ќе работиме и со посебна грижа ќе ја оправдаме вашата доверба и нема да дозволиме да се повтори злото што го направи ВМРО-ДПМНЕ. Ќе овозможиме еднакви шанси за сите. Знам дека има голема радост за промените. Не е лесно да се стапне на руина, наместо да се доградува столб. Од следната недела почнува нашата нова работна акција. Отвараме општество на можности за сите. Знаеме дека слободата значи департизација на правниот систем и подготвени сме на тоа. Само неполитизирано општество води кон развој. Ќе побарам од вас почитувани делегати да ја оправдаме довербата во граѓаните. Вистинскиот живот е меѓу граѓаните, во училиштата, во болниците, во градинките, на нивите. Ја барам вашата потврда. Секој пред да излезе од овде да си вети дека ќе работи за и во интерес на граѓаните. Испраќам порака на обнова, надеж и доверба. На овој конгрес стојам пред вас и ја барам вашата доверба”, рече Заев во обраќањето.

Се очекува Заев да биде реизбран за претседател на СДСМ. Тој се обрати на отворениот дел на конгресот, а потоа ќе следува затворен дел на кој ќе бидат избрани членови на партиските органи, односно на Централниот и Надзорниот одбор.