Заев смета дека државата има скриен долг од околу една милијарда евра

0
818

Премиерот Зоран Заев во интервју на МТВ со уредници на медиуми вечерва изјави дека се поминати линиите на ликвидност во државниот буџетот, оти во него нема 130 милиони туку 6 милиони евра, но оти е убеден дека новата Влада ќе ги сервисира сите обврски на државата и потребите на граѓаните.

– Поминати се сите линии на ликвидност во буџетот. Во државниот буџет нема 130 милиони туку 6 милиони евра, има се уште неевидентирани доспеани обврски кон државата за кои ќе треба период за да се соберат информации кои ќе им ги соопштиме на граѓаните. Тоа значи дека јавниот долг го поминал прагот од 50 проценти од БДП, затоа што има многу завршни ситуации кои не се фактурирани бидејќи ако ги фактурира деловната заедница ќе треба да плати ДДВ, а не знае кога ќе си го поврати. Мислам дека има скриен долг кој не е евидентиран во севкупниот долг на државата поголем од една милијарда. Ова е се уште половична информација. Министерот за финансии ќе излезе на прес-конференција и како што ќе ги добива информациите ќе и ги соопштува на јавноста. Ова не го кажувам за да го исплашам народот. Имаме добар менаџмент, ќе го изменаџираме целиот овој процес и Македонија ќе тргне напред, изјави Заев.

Премиерот Зоран Заев во вкрстеното интервју со новинарот на МРТ, изјави дека во иднина нема да има платени владени реклами, туку само соопштенија кои ќе ги засегаат ранливите групи, како начин на информирање, преку јавниот сервис.

Немаме намера да ги трошиме парите на граѓаните за уривање на спомениците од „Скопје 2014“, но сакам барем една фасада да „соблечам“, рече премиерот.

На прашањето за тоа кога очекува да се оствари неговото ветување дека просечната плата ќе достигне цифра од 500 евра, Заев изјави дека тоа би било можно да се случи некаде во 2019. година.

– Тоа нема да се случи веднаш, ниту на крајот на нашиот мандат. Би можело да се исполни некаде на средина на нашиот мандат во 2019 година, истакна Заев.