Вечерва започнува фестивалот на монодрамата во Битола. Годинава новина е дневната офф-програма која од 12:00 до 15:00 часот ќе се случува на делови и од Широк Сокак со учество на актери од Статуа Фест.

„Монодрамата е широк поим, кој што опфаќа еден човек на сцена, а сцената секаде може да се случи. Оваа година имаме гости, колеги, актери, пантомимичари од „Статуа фест“. Мојата идеја како директорка на фестивалот е да ја фузираме и да ја привлечеме битолската публика, бидејќи имавме две тешки пандемиски години, каде што публиката во салите беше во намален број и ова е една идеја, за оние кои што точно не знаат што е фестивалот на монодрамата, преку нашите колеги-статуи, да разберат дека станува збор за еден човек на сцена, а од другата страна, самите статуи се многу атрактивни, има вакви примери низ сите поголеми градови низ Европа, така што му дава едно освежување, еден нов ветер на фестивалот и јас се надевам дека почетокот на оваа соработка е оваа година, а дека ќе ги има се почесто во Битола, како атракција, бидејќи веќе гледаме дека битолчани застануваат, се сликаат и се инспирирани од она што го гледаат, а тоа се нашите колеги, ние ги делиме нашите флаери со програмата од фестивалот и тоа е и покана за битолската публика да го проследат во наредните седум дена 23 издание на Интернационалниот фестивал на монодрама, кој се случува во организација на Центарот за култура“ вели директорката Маја Андоновска-Илијевски.

Тука беше и селекторот на програмата на овој фестивал актерот Петар Мирчевски. Го прашавме кога и која порака е посилна од штиците што живот значат, таа кога се игра монодрама или од претставите каде настапуваат повеќе актери, односно се ансамбл претстави.

„Мислам дека оние што ние ги сметаме претстави за пошироката публика, се ансамбл претстави повеќе, и мислам дека монодрамата е еден потежок вид на претставување пред публиката, затоа што се нема партнер, нема кој да те „спаси“ во одредени моменти, така што тоа е голем предизвик. Еве јас за сите мои години актерска кариера се уште се немам осудено да направам монодрама. Тоа не значи дека се плашам, а исто така не значи дека младите колеги кои што работат монодрами дека не се спремни за тоа. Мене ме радува фактот што секоја година се повеќе е поголем интересот за монодрами, како во нашата држава, така и надвор од неа и мислам дека овогодинешниот репертоар на 23-то издание пружа и во однос на квантитетот и на квалитетот, еден голем избор на претстави и мислам дека публиката ќе биде многу задоволна“ вели Мирчевски.
Војо Цветановски е директор на уличната театарска продукција „Театроск“ и организатор на „Статуа фест“ и ни раскажа за пораките на поставените статуи, кои го привлекоа веќе вниманието на битолчани.

“Пораката која што ја испраќаме конкретно преку овој замислен човек, односно гардеробер во театар е всушност слоганот на самиот фестивал, тој помеѓу два костима, чекајќи го да дојде актерот да си ги земе и да продолжи со својата улога. Другата статуа е виолинист, а третата е писател, тоа е кореспонденцијата помеѓу сцената и публиката, единствен човек, еден човек, монодрама, моноспектакл, кои што комуницираат помеѓу, односно писателот со листот, односно со пишаниот збор, а музичарот со звукот и публиката“ вели Цветановски.



Вечерва од 20 часот е свеченото отворање на фестивалот со МНТ-Скопје, Македонија, „ САМО ГЛАС“ , автор Нина Плавањац, режисер Марјан Неќак, актер Звездана Ангеловска.
Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски



























