ТЕРА

REKLAMA???

НА ИНТЕРФЕСТ „100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА КИРИЛ МАКЕДОНСКИ“

В сабота на 4-ти октомври од 20:00 часот во Офицерскиот дом во Битола на програмата на „Интерфест“ е концертот посветен на Кирил Македонски, 100 години од неговото раѓање.

Камерниот оркестар-Битола со солистот Гернот Винишхофер, виолина од Австрија.

Програма    

Кирил Македонски:  Adagio  за гудачки оркестар                                                                           (1925-1984)

Кирил Македонски: Старогрчки концерт за гудачки оркестар

       Allegro ( III став) Прва изведба

Хектор Берлиоз:   Валс  (II став од „Фантастична  симфонија“)                                                  (1803-1869)              

        Allegro non troppo   (ар. за гудачки оркестар)                                                                                                                               

Фриц Крајслер: Caprice Viennois Op. 2 (Виенско  Капричо)                                                           (1875-1962)                           

Пабло Де Сарасате: Romanza Andaluza Op. 22                                                                                      (1844-1908)

Пабло Де Сарасате: Carmen Fantasy Op. 25                                                                                          (според музиката на Жорж Бизе)        

Композиторот КИРИЛ МАКЕДОНСКИ, е роден во Битола, на 19. 01. 1925 година. (Според некои извори 2021). На 11 годишна возраст започнува да учи виолина. По завршувањето на класичната гимназија, ги започнува студиите по диригирање и композиција најпрво на Музичката академија во Загреб (1947, професор Крсто Одак), а потоа дипломира на Академијата во Сараево под раководство на  Иво Бркановиќ. Магистрира композиција на Музичката академија во Љубљана во класата на композиторот Луцијан Марија Шкерјанц. Реализира  студиски престој во Варшава 1970  и Студии на современа музика во Дармштад 1974.

Покрај компонирањето се занимава и  со педагошка работа, како наставник и Директор на Основното музичко училиште во Битола во педесеттите години. Дописник е на домашни и странски стручни списанија каде објавува музички рецензии и есеи за македонскиот фолклор и за современта музика. Добитник е на меѓународни признанија за истражувањата во областа на психологијата и музикотерапијата.

Кирил Македонски е еден од најзначајните и најплодни македонски композитори. Оставил огромен опус на творештво кое досега не е доволно истражено и изведувано.

Во педесеттите години се појавуваат неговите први значајни композиции: „Адаџо и фуга“ за гудачки оркестар, хорските композиции :„Орлите на Македонија“, „Вена“, „Долетале, долетале“, „Хумореска“ и Симфониската поема „Танчарка“ (1951), инспирирана од македонскиот фолклор.  Во перидот 1956 – 1960 настануваат неговите Четири Симфонии за кои словенечкиот композитор Шкерјанц пишува: ..„ силни, динамични, напишани на јазикот и средствата на дваесеттиот век“ … со природна и силна пулсација на ритамот…одлика на раскошното фолклорно наследство“.  Во 1978 ја создал Петтата Симфонија, Симфониските поеми „Смртта на танецот“, „Диверзија“,   како и обемните вокално – инструментални дела: „Словенските Просветители Кирил и Методиј“, (1969) и „Илинденска химна на слободата“.

Пишува  солистичка и камерна музика:  Соната и Асоцијации за пијано; Аулетика 1, Аулетика 2 за обоа; Хумореска „Пред огледало“ за фагот; Камерна музика за Дуа, Триа,Квартети.

Голем дел од неговиот опус е посветен на  филмска музика : „ Македонска крвава свадба“, „Кочо Солев Рацин“, „Цената на градот“, „Вирово“, како и на  музика за театар: „Лизистрата“, „Црнила“, „Не сме ние ангели“, „Есента на кралот“, „Итар Петар во Индија“.

Посебно место во неговото творештво завзема хорската музика и музиката за деца.

Детските оперети, кои во почетокот и самиот ги режирал во Битолскиот народен театар: Изворчето на чудесите (1945), Бегалче (1946), Волкот и седумте јариња (1946), Налутениот снешко (1955), Волшебната виолина (1973), Болната принцеза (1975), Еден чуден ден  ( 1977 ).

Неговото најзначајно остварување, оперското творештво, е веќе втиснато во меморијата на Македонецот. Во 1954 година била изведена неговата опера „Гоце“  – Првата Македонска опера  што претставува  „Сизифов  скок – подвиг“ – нурнување во недоволно познатата музичка форма,  со страст да се осветли ликот на големиот македонски револуционер – идеолог. Неговата опера „Илинден“ е уште еден прозорец во македонската историја. Врв на неговото творештво, операта „Цар Самуил“ (пишувана 1962-1966),  ја изразува  трагиката на ослепената четиринаесетилјадна македонска војска која кулминира со потресниот Самуилов претсмртен монолог. Со моќен изведувачки апарат е постигната монументалност на групните сцени, додека со употребата на архаичниот византиски и старословенски мелос е доловена атмосферата на мрачниот историски настан.

Кирил Македонски починал во Скопје во 1984 година. Од оваа временска дистанца е воочливо отсуството од изведувачката сцена на голем дел од неговото творештво. Сепак, неговата љубов кон  Македонија и неговата припадност е очигледна и искажана во секое од неговите дела, и тие, секако, ќе продолжат да живеат денес и во иднината.

Реномираниот австриски виолинист ГЕРНОТ ВИНИШХОФЕР / Gernot Winischhofer е роден во Виена, каде го започнал своето музичко образование. Дипломирал со почести на “Wiener Musikhochule” во класата на Херта Биндер и потоа специјализирал во Салцбург во класата на Шандор Вег. Како добитник на стипендија студирал 3 години на Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва, во класата на Валери Климов (во традицијата на Давид Ојстрах) и дипломирал со највисоки оценки. Учествува на мастеркласи на реномираните виолинисти Макс Ростал и Гидеон Кремер.

Победник е на многу национални и интернационални конкурси. По дипломирањето развил широка концертна кариера. Настапил на фестивалите во Будимпешта, Прага, Виена, Северна Вестфалија. Како солист – партнер на реномираните уметници: Игор Ојстрах, Јозеф Сук, Пол Бадура Шкода, Јорг Демус, Павел Гилилов се презентирал во Европа и пошироко. Настапувал како солист со познати оркестри: Моцартеум Салцбург оркестар,  Државниот  оркестар на Атина, Енеску оркестар- Букурешт, Ермитаж оркестар – Ст. Петерсбург, Словачка филхармонија, Астана филхармонија, камерните оркестри на Москва, Литванија, Виена, Линц, Прага, Скопје и многу други. Со рецитални програми настапувал во големите музички центри како Карнеги Хол, Њујорк; Сала Чајковски, Москва; Vienna Musikverein; Salzburg-Großes Festspielhaus; Bregenz festival hall.

Формирал „Трио Виена“,„Ојстрах ансамбл“ – со фамилијата на Ојстрах, како и „Виена Пијаноквинтет“ со кои концертирал во Австрија и музичките центри на Европа. Покрај педагошката работа како професор на Умиверзитетот во Виена, Гернот Винишхофер долги години одржувал мастеркласи и натпревари на Летната Академија.

Настапувал во САД, Египет, Англија, Франција, Финска, Германија, Унгарија, Иран, Италија, Јапонија, Португалија, Македонија, Шпанија, Турција, Чешка, Австрија, Казакстан, Словачка, Мексико.