ТЕРА

REKLAMA???

На Факултетот за биотехнички науки во Битола одбележан Светскиот ден на блатата

Денеска на Факултетот за биотехнички науки во Битола, со едукативен настан беше одбележан Светскиот ден на блатата, настан којшто уште од далечната 1997 година, па се до денес, се одбележува насекаде низ светот на истиот датум, 2 февруари.

„Овој ден има големо значење за екологијата и за биодиверзитетот бидејќи блатата претставуваат витални компоненти за човекот. Лулка на биодиверзитетот а истовремено претставуваат и опстанок за безброј животински и растителни видови. На овој ден претходи една конвенција за блата која уште се нарекува и Рамсарска конвенција, бидејќи за првпат е усвоена во 1971 година во Иранскиот град Рамсар и која што вклучува договорни органи или земји членки коишто имаат обврска и задача на Рамсарската листа да назначат рамсарски локации или блата од исклучително значење како на национално така и на меѓународно ниво. Па така, во 1995 година Преспанското Езеро е првото назначено рамсарско подрачје коешто е ставено на таа листа на блата и понатаму во 2007 година Дојранското Езеро, а Охридското Езеро на таа листа е назначено во 2021 година. Постојат критериуми што треба да се исполнат за одредено блатно подрачје да биде дел од таа рамсарска листа а сите тие се сведуваат на значајни еколошки, зоолошки, ботанички и хидролошки карактеристики“- истакна на денешниот настан проф. д-р Дијана Блажековиќ-Димовска.

Според професорките од Биотехничкиот факултет во Битола, блатата имаат исклучително значење за опстанокот на човештвото и за опстанокот на бројни растителни и животински видови.

„Денешната работилница е за запознавање на учесниците за значењето на овие водени системи и нивното значење понатаму за биодиверзитетот и човековата средина. Токму од тие причини, денешната работилница покрај теоретски дел, поседува и практичен дел и целта е самите учесници практично да ги осознаат стекнатите знаења што денес ќе ги добијат“ -рече проф. д-р Билјана Трајковска.

На денешната работилница на Биотехничкиот факултет присуствуваа и средношколците од Гимназијата Јосип Броз Тито.

„Како резултат на долготрајната соработка со Универзитетот Св. Климент Охридски Битола нашите ученици ќе присуствуваат на едукативна работилница којашто ќе биде посветена на одбележувањето токму на овој ден и така нашите ученици ќе можат да видат како практиката и теоријата се спојуваат во едно“-истакна м-р Даниела Петровска помошник директор во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ Битола.

Според проф. д-р Весна Карапетровска Христова од Биотехничкиот факултет,  климатските промени се реалност што со децении ја чувствуваме и ја живееме.

„Имено блатата претставуваат тивки херои на еко системите, ја задржуваат водата, го складираат јаглеродот и не штитат од суши и поплави и затоа е од голема важност младите да бидат информирани и активно вклучени затоа што токму тие се генерацијата што во иднина ќе носи одлуки за природата и за животот на земјата“-рече на настанот проф. д-р Весна Карапетровска-Христова.

Инаку, одбележувањето на денешниот Светски ден на блатата е еден дел од серијата на настани што Факултетот за биотехнички науки во Битола ќе ги реализира во рамките на проектот НИДА.