ТЕРА

REKLAMA???

ПАРТИСКИ МАТЕМАТИКИ – АКО УТРЕ ИМА ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ КОЛКУ ПРАТЕНИЦИ БИ ОСВОИЛЕ

Завршувањето на првиот изборен круг од локалните избори и сумирањето на гласовите освоени во општините им даде основа на партиите да анализираат какви им се позициите мерено во пратенички мандати.

Имено, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ излегоа со проценки колку пратеници би освоиле доколку утре во земјава се одржат парламентарни избори.

ВМРО-ДПМНЕ вели дека доколку утре се одржат парламентарни избори, тие би освоиле над 60 пратеници. Оваа партија вели дека „граѓаните го избраа патот на развој и раст“.

„ВМРО-ДПМНЕ со 550 советници низ цела Македонија и градот Скопје, како и над 300 илјади гласови, е апсолутен победник на локалните избори. Доколку утре се одржат парламентарни избори, со овие гласови ВМРО-ДПМНЕ би имал над 60 пратеници, додека СДСМ во некои изборни единици би бил трета партија“.

„Народот го казни СДСМ, кој во некои места од земјата, вклучувајќи го и градот Скопје, се најде на трето, четврто, па дури и на петто место според бројот на освоени гласови. Времето на работа, одговорност и резултати продолжува – благодарение на сите оние што го направија вистинскиот избор“.

ВМРО-ДПМНЕ е партијата со најголема поддршка во 59 општини и градот Скопје, а во мнозинството од нив има апсолутно мнозинство во советите. Тоа значи дека народот избра стабилност, развој и чесни луѓе кои знаат што значи работа за интересот на државата, а не за лични привилегии.

Граѓаните избраа пат на раст и развој, а не застој и пропаѓање. Со оваа поддршка, ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажа дека е партија на народот, што ги слуша граѓаните и работи за нив, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Од друга страна, од СДСМ велат дека според добиените гласови на изборите во неделата, доколку сега се одржат парламентарни избори партијата би освоила најмалку 21 пратеник, а ВМРО-ДПМНЕ би паднала на 52 пратеници.

„ВМРО-ДПМНЕ не може да го скрие падот а бројките се јасни и немилосрдни кон нив. Очајните обиди за манипулација се резултат на шокот кој го доживеаја и падот од преку 140 000 гласа кој е јасен сигнал дека нивните лаги и погрешни политики се прочитани. СДСМ ја продолжува битката за уште 17 општини. Граѓаните масовно да излезат на галсање во вториот круг и да гласаат за кандидатите на СДСМ, докажани и чесни луѓе кои уште во првиот круг јасно докажаа дека имаат што да понудат“, велат од СДСМ.

Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), на првиот круг од локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата освоија 301 720 гласа, додека коалицијата предводена од СДСМ доби 125 758 гласа.