Почна вакцинацијата против сезонски грип, информираат од Центарот за јавно здравје од Битола. Од таму велат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи. Вакцинацијата против сезонскиот грип е незадолжителна, по желба на граѓанинот.
Бесплатната вакцинација против сезонски грип е наменета за следните ризични групи:
*Стари лица (над 65 години);
* Лица со хронични заболувања;
*Здравствени работници;
*Бремени жени;
*Деца на возраст од 6 месеци до 5 години.
Заинтересираните лица треба само да закажат за бесплатна вакцинација на веб порталот https://vakcinacija.mk/mk/registration-flu Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, по пат на смс ќе добијат информација за точниот датум и час кога треба да се вакцинираат на пунктот кој го изберале при регистрацијата.
Истовремено Центарот за јавно здравје- Битола набави и 550 комерцијални вакцини, чија цена изнесува 700 денари и се наменети за лица кои не ги исполнуваат критериумите за бесплатната вакцинација.
Вакцинацијата против сезонски грип се спроведува во Одделението по епидемиологија- соба бр.11, информираат од Центарот за јавно здравје од Битола.
Кога почна пријавувањето за бесплатната вакцинација против сезонски грип од Министерството за здравство информираа дека оваа година Министерството ја зголеми количината на набавени вакцини, при што се набавени 60.000 дози четиритипни вакцини против сезонски грип наменети за бесплатна вакцинација, со цел да се обезбеди заштита кај поголем број лица од сезонски грип.


















