Кога ќе бидете во Битолa, погледнете го овој сега завршен мурал сместен во центарот на градот, со кој се слави 30 години поврзаност и врски меѓу нашите две земји, соопшти Австралиската амбасада со фотографија од муралот во Битола.
Муралот е насликан во рамки на јубилејот, 30 години билатерални односи меѓу Македонија и Австралија и е одраз на пријателските односи меѓу двете земји, истакна деновиве Амбасадорот на Австралија за Северна Македонија Питер Трасвел за време на посетата на Битола по повод промовирањето на муралот.
„Овој проект е дело на еден од најдобрите уметници за мурали во Австралија. Муралот во Битола претставува разни симболи карактеристични за Македонија и за Австралија и ги одразува односите меѓу двете земји. Посебно значајно е што оваа година одбележуваме 30 години меѓусебни дипломатски односи.“- истакна амбасадорот Трасвел.
Муралот се наоѓа во централното градско подрачје во непосредна близина на битолскиот Здравствен дом и Старата битолска чаршија.
Авторот-уметник Финтан Меги како сликар работел мурали во Индија, Германија, Исланд, Австрија и САД. Во изјава за Тера тој рече дека дека на муралот се претставени карактеристични македонски и австралиски цветови. На муралот исто така можат да се видат национални предмети, познатата Опера Хаус во Сиднеј и три лица кои веројатно се битолчани кои се исселиле во Австралија.



















