Во организација на ПСК Ѓорѓи Наумов од 6ти – 15ти Август 2024г беше остварена Алпска експедиција во која учество зедоа шест членови на ПСК Ѓорѓи Наумов и по еден член од ПСК Пелистер и ПСК Копанки, сите од Битола. Главна цел на оваа експедиција беше искачување на највисокиот врв на Алпите и западна Европа, врвот Мон Блан 4810мнв по нормалната рута од француска страна (Гуте рутата). Како припрема на телото за предизвиците кои ги носат високите надморски висини, претходно беше остварена тура за аклиматизација на Пенинските алпи во северозападна Италија, каде што беа искачени врвовите западен Брајтхорн 4164мнв, централен Брајтхорн 4154мнв и Кастор 4223мнв.

Експедицијата започна на 6ти Август со дваесет и две часовно патување од Битола до Понт Ст. Мартин, мало селце во источниот дел на долината Аоста каде што по еден ден одмор од напорниот пат групата се упати кон Червинија, познат ски центар на Пенинските алпи. Со жичара од Червинија групата се упати до Платото Роса на 3400мнв каде што започна искачувањето на врвовите Брајтхорн (западен и централен). Ски стазите сместени на ова плато го преставуваат првиот дел од патеката која носи до глечерот во подножјето на врвовите. Источното лице на Червино (Матерхорн) го збогатува пејсажот на и така прекрасната глетка наоколу во текот на цело искачување. Набргу започнува главната нагорнина од западната страна кон врвот Брајтхорн кој важи за еден од полесните на Алпите, што го прави речиси идеална опција за аклиматизациона тура. Многу од планинарите го одбираат овој врв за аклиматизација поради лесната пристапност од Червинија со жичара и можноста да се изложи телото на висина од над 4000м во еден ден.

Спуштањето од врвот до Платото Роса од каде што со жичара групата се спушти до Червинија се одвивало во идеални временски услови со минимален ветер и прилично високи температури. По успешно завршениот прв дел од експедицијата групата се премести на француска територија, во месноста Ла Фајет, стартната точка на Трамвајот Мон Блан. Предвидени беа два дена одмор од кој едниот беше искористен за посета на култното Шамони, можеби најпознатиот француски центар на планинскиот туризам во кој се среќаваат љубители на планината од најразлични сфери како планинари, алпинисти, скијачи, планински тркачи, па и параглајдеристи (тој ден на небото над Шамони имаше преку педесет летачи со параглајдер). Во тие денови групата беше брифирана за временските прилики во деновите кои следат на планина од професионален воздухопловен метеоролог со големо искуство во планинарската метеоролошка проблематика Глигор Митковски, човекот кој во одредени временски услови може да ја направи разликата во тоа дали групата ќе оствари успешно или неуспешно искачување.

На 11ти Август со Трамвајот Мон Блан групата пристигна до Орлово гнездо (Nid d’Aigle), почетната точка за искачување по Гуте рутата на 2340мнв. Од таму патеката продолжува по карпест предел со патека која води до планинарскиот дом Тетрус каде што беше остварена пауза и припрема на опремата потребна за наредната етапа од рутата, Големиот Кулоар којшто претставува најопасниот и технички најпредизвикувачкиот дел. Најопасен затоа што за да се помине од едниот до другиот с’рт на кулоарот планинарите се среќаваат со опасност од непредвидливи одрони од камења, за потоа да се пристапи до најтехничкиот дел од патеката што планинарите го искачуваат по карпест предел каде што на места се потребни основни качувачки техники и употреба на раце.

На 12ти август во 2 часот по полноќ, во две наврски од по четворица групата го започна походот кон врвот. На седумнаесет минути после седум часот наутро првата наврска од четворица ги оствари првите чекори на врвот со видно воодушевување и радост. Неколку минути подоцна пристигна и втората наврска, па радоста споделена како што велат стана уште поголема. Следувало сликање со државните и клубски знамиња, меѓусебно честитање, па и некоја песна.

Третиот ден донел нов предизвик во облик на снег кој наврнал ноќта и ја покрил патеката од Големиот Кулоар, па тоа го отежна и успори движењето надолу, но воопшто не ја наруши позитивната енергија на групата предизвикана од успехот претходниот ден. На 15ти август во утринските часови групата пристигна во Битола. За некои беше прва експедиција на Алпите, за некои можеби најубавата од повеќе, но дефинитивно едно големо достигнување за сите планинари. Четири врвови над 4000мнв во пет дена, не е мала работа. Учесници на турата: беа: ПСК Ѓорѓи Наумов: – Михајло Костов – Благојче Караколев – Никола Петровски – Тони Лозановски – Дарко Митревски – Филип Стојчевски ПСК Пелистер: – Горан Дамевски ПСК Копанки: – Ана Котевска
Спонзори на турата се Општина Битола и неколку приватни фирми.


















