Учесниците од втората половина на второто евровизиско полуфинале кое ќе се случи на 12-ти мај ја имаа првата техничка проба, што за нашата претставничка Андреа значеше прво соочување со сцената во Пала Олимпико во Торино. За потребите на 66-тото издание на Евровизија, домаќинот Rai на сцената постави кинетичко сонце инспирирано од италијанскиот народ.

„Кинетичкото сонце ќе понуди динамика и трикови со светлината и ќе доминира на сцената отсликувајќи го италијанскиот темперамент: секогаш во движење, бунтовни, креативни, гостопримливи, страствени, интуитивни. Ние сме луѓето кои го носат сонцето во себе“ – опишува Франческа Монтинаро, дизајнерката на кинетичкито сонце, која исто така се потпишува на сценскиот дизајн на две изданија на националниот евровизиски избор на Италија, Сан Ремо и тоа во 2013 и 2019 година.
Андреа, како Македонка со своето сонце во себе одлично се снајде на првата техничка проба, а нејзината работа ја уважија и едни од најпопуларните евровизиски медиуми WIWIBLOGGS кои истакнаа дека нема потреба од корекции на сценскиот настап на Андреа.

Официјалниот канал на Евровизија пак на своите мрежи пробата на Андреа ја опиша како импресивна.
„Облечена целосно во црно и поддржана од ништо друго освен пулсирачка графика и драматично светло. Првата проба на Андреа беше многу импресивна “ – стои во објавата на официјалните социјални медиуми на Евровизија.
Андреа со воодушевување зборуваше на својата прва проба.

„Се надевав на добра проба, но ова е уште подобро. Сцената е огромна и пресреќна сум. Бескрајно сум благодарна за ова искуство“ – изјави таа на официјалната прес-конференција по пробата.
„Едвај чекам да дојде 12-ти мај и да ви покажеме што имаме сработено. Ова е најпрекрасното искуство што го имам доживеано“ – со ентузијазам дополни Андреа.
Следната проба Андреа ќе ја има на 6-ти мај и тоа со целосна костимографија и шминка.


















