Краткотрајниот дожд кој битолчани го очекуваа со недели, не претставуваше никаква опасност дека ОперАир на Авалон нема да се одржи. Напротив, според саатницата испадна одличен стимул за журката којашто се случи на стадионото „Петар Милошевски. “
Зафатени сите паркинзи и околни улички од автомобили – битолски, па од Прилеп и Скопје, на моменти многу публика на секоја платформа којашто овозможуваше да се гледа во внатрешоста на стадионот, како иританти за тие кои своето место во стадионот го платија по безмалку 2.000 денари и концерт кој Битола не ја остави мирна – се слушаше ( или според некои трештеше) до Драгоро, а можеби и во Лерин.
Концертот на водечкиот, според бројни странски музички списанија и листи, кралот на електронската и транс музика, Армин Ван Бурен привлече многу посетители од градот, но и од регионот.
Со своето долгогодишно искуство холанганецот Армин ван Бурен ги повикуваше да играат и да се журкаат, точно знаејќи кога треба да ги награди со летечки ленти и конфети како составен дел од визуелното шоу што го понуди заедно со музиката што ја создава. Понуди транс музика којашто овојпат имаше малку поголема нота на прогресив, на моменти и со текст испишан на екранот за сите заедно да пеат. Публиката ги препозна сите композиции и обработки што Бурен ги понуди во Битола и ја водеше мелодијата се додека погодуваа кога ќе кулминираат повторувачките ритми или варијациите на мелодијата направени на синтисајзерите.
Емотивната состојба која ја споделија избраните транс Ди-Џеи со публиката започна со македонските електро бендови Семпер и Сирилик, ноќта започна и со некои македонски ритми и обработки на македонски композиции.
А, продолжи со двочасовна речиси медитативна понуда на Лора Ван Дам – ќерката на популарниот актр Жан Клод Ван Дам којашто е вброена во новите ѕвезди на музичката индустрија. Темните енергични ритми што таа ги понуди, ја раздвижија журката до климакс којшто го најави Армин ван Бурен. Во некои од своите интервјуа таа споменува дека нејзината музика е резултат на нејзиното образование – студирала Аудио инженерство, како дел од студиска програма електронска музичка продукција.
Во следниот период веројатно ќе треба да се направи анализата, дали публиката на улица можеше да се тргне, дали добро беа поставени некои од штандовите на партерот, кој е начинот и трибините да бидат полни со публика, дали организаторот до крај ја исконтролира продажбата на влезаници?
Но, дефинитивно, Авалон продукција со концертот на Ван Бурен и неговите пријатели во Битола го стави градот, на мапата на светската транс сцена.
насловна фотографија: Општина Битола


















