Додека голем дел од општините низ Македонија уште на почетокот на декември ги украсуваа своите градски централни јадра, внесувајќи празнична атмосфера по примерот на европските метрополи, Битола и понатаму останува во очекување на својата традиционална новогодишна магија.
Украсувањето на градовите, покрај тоа што создава повесела атмосфера за граѓаните, има и јасен економски мотив: стимулира локална потрошувачка и ги раздвижува угостителството и трговијата, што директно влијае на подобрување на економијата.
Многу општини тоа го разбираат и своите празнични активности ги протегаат на подолг период, наместо само на последната десетина денови пред нова година.
Во меѓувреме, Битола се уште не е новогодишно украсена, а традиционалната предновогодишна програма „Зимска приказна” е најавена да се одржи дури од 20 до 31 декември.
Граѓаните, недоволно трпеливи, на социјалните мрежи споделуваат слики од Божиќните базари во Европа и соседна Грција, кои нудат забава за посетителите и приход за локалните угостители и трговци – практично она што Битола и не може да го понуди во моментов.
Меѓутоа, она што е уште поразително е начинот на којшто локалните шефови на општината се обидуваат да ја креираат „позитивната слика”. Ангажирани се голем број лица од фотографи, камермани и самопрогласени новинари, до „експерти” за односи со јавноста чија примарна задача е да создадат лажен ПР за општинските шефови.
Наместо реална акција и навремено украсување, граѓаните се сведени на публика на изрежирана слика која нема врска со вистинската состојба на теренот.
Додека другите градови веќе блескаат, Битола ја одбележува празничната сезона со празни ветувања и естетика на хартија, наместо со реална и опиплива радост за своите граѓани.


























