Новогодишните и божикни празници се уште еден момент да се манифестираат креативните способности на сопствениците на различни продавници во пласирање на своите производи. Битола е украсена, сите претприемачи се обиделе. Но, дали за овие празници кичот треба високо да се вреднува?



Црвен тул на влезот од вратата, завиткан во идеална панделка со или без неколку борови гранчиња кои завршуваат со вештачки снег. Големи кутии како огромни подароци пред или во излогот, неколку елки накитени, лампиони кои вешто се наместени низ производите кои се на излогот.
Битолските излози манифестираат обид за креативност, инсистираат на дискретно посочување на празникот, има украси и зеленило. Но, дали има приказна?
И , дали приказната е потребна кај нас за да се привлечат повеќе купувачи кои баш сега за празниците ќе го купат своето омилено парче облека или обувките поскапи од џебот или пак долго посакуваниот накит?



Бројни продавници не го украсиле излогот од надвор или барем дење не се гледа. Можеби немале идеја, можеби украсите доаѓаат со брод од Кина. Сосема е неважно, убавиот излог укажува на добро планирање и , секако, на финансиите кои сопствениците ги имаат на располагање за оваа година.
Архитектурата на Широк Сокак дава посебен шмек за добра приказна, а досега и дење и ноќе впечатокот е дека улицата е исполнета со евтини сијалички и минимален напор. Дури и со украси од ТЕМУ, фантазијата доживеала пречки. Сеако вкусот е индивидуален, но за Битола да блешти, нели треба да е малку повеќе светкава? Дали е потребна „лажната површна убавина“ којашто ја поседува дефиницијата на филозофите за кичот? Без разлика на вкусот и навиките од личната култура, овде кичот ќе биде во контекст.
А во светот…

слика од екран / сопственост Macy’s
По пат на социјалните мрежи веројатно секоја година го следите отворањето на излозите на стоковната куќа Мејси во Њујорк.
Традицијата е стара сто години, од кога се обиделе да направат излог со летечки бебиња, како симбол на новиот почеток. Оттогаш досега, вистинско доживување и многу голем престиж е бројката луѓе од цел свет кои стојат пред излозите на Мејси во Њујорк во очекување да се открие најновиот излог на оваа стоковна куќа.

слика од екран / сопственост macy’s

Во градот Бедфорд од Англија пак комората на занаетчии во соработка со општината организираат натпревар на најубаво украсени излози. Наградата е вечера за двајца во некој од рестораните во градот. А победникот секако добива право на фалење до следниот избор.
Засега, кај нас како да е се испревртено…

















