Во зима, со грејната сезона во полн ек , ЈП Комуналец од Битола се соочува со невообичаен проблем – непознати граѓани преку ноќ во контејнерите им исфрлаат жешка пепел од своите печки или парна на дрва дури и печките на пелети , и ги опожаруваат.
Чести се примерите на фрлен пепел, но проблемот настанува кога дополнително не внимавале и исфрлиле и пепел – вели директорот Горан Степановски.
Ова се повторува на неколку локации низ градот. Во неделата што измина за 24 часа имале две опожарувања на ул. Васко Карангелевски, на просторот познат како Декорпод. Двапати од пепел со жар биле запалени подземните контејнери во текот на минатата недела. Граѓаните кои пепелта од своите печки си ја одложуваат во градските контејнери ги „има“ околу Гимназијата „Таки Даскало“ – долната, па нагоре долж улицата се до центарот за култура.

Многу често пепелта се фрла во раните утрински часови па неможе да се детектира кој е виновникот за настанувањето на потенцијално опасната состојба и направената штета на контејнерите кои се јавно добро. Доколку се метални – трајно се оштетуваат, доколку пак се од пластичните – целосно „исчезнуваат“ од употреба.
Опожарувањето на контејнер е закана за безбедноста на околните објекти, па веднаш кога се дознава за тоа најпрвин се активира територијалната против-пожарна единица, а потоа од комуналец пријавуваат во СВР Битола. Но, службите кои интервенираат досега немаат успех во пронаоѓањето на ваквите граѓани. Ниту обвинителството нема успех во пронаоѓањето на несовесните граѓани.

Јавното претпријатие „Комуналец“ апелира до граѓаните, воопшто да не ја фрлаат пепелта во контејнерите за собирање на смет. Со тоа ќе се заштитат најпрвин самите граѓани, нема да дојде до запалување на контејнерите, а контејнерите нема да бидат оштетени.

















