“Б У К В И” е новата колекција на Le Brand Studio, инспирирана од прекрасните стихови во македонската поезија.
Белите кошули се форма преку која македонските поети прераскажале многу животни приказни, како таа на Ленка,Везилката.

„ Ние преку нашите бели кошули со отпечатени стихови од три македонски песни ви ја пренесуваме љубовта исткаена од букви и преточена во зборови кои одекнуваат силно со истата моќ, како ехо низ времето и просторот до денес“, истакна дизајнерката Лили Кадинска.
Колекцијата беше симболично најавена во предвечерието на 8-ми септември.
„Идејата за колекцијата и нејзината реализација се совпаднаа со Денот на независноста, како совршена можност да се претстави нешто за кое изворот на инспирација доаѓа од нашето културно и национално богатство“, додаде Кадинска.

Le Brand Studio е моден бренд кој и се обраќа на современата жена со интензивно секојдневие. Секое парче облека е осмислено да биде доволно само по себе,како и совршено да се вклопува во посебноста на многу стилови.
Минималистички дизајн со автентичен дизајнерски печат изразен преку чистите форми и строгите архитектурни линии, го одбележуваат брендот Le Brand.

Неодамна сопругата на претседателот на Македонија, Eлизабета Ѓоргиевска, го посети студиото „Le Brand“ на Лили Кадинска како дел од нејзините активности за поддршка на жените претприемачки во земјава. Во студиото на дизајнерката ѝ беше претставен процесот на изработка на различни креации и плановите за иднина, a дополнително беше информирана дека дел од приходите кои ги остварува при продажбата на некои од производите ги донира во фонд за поддршка на жените жртви на насилство и самохрани мајки.













