Во пресрет на најголемиот христијански празник – Велигден, во македонските домови веќе започна една од најпрепознатливите и најемотивни традиции – бојосувањето на велигденските јајца. Ова е обичај, кој се пренесува од генерација на генерација, не е само украсување, туку длабоко вкоренет симбол на верата, надежта и Христовото воскресение.
Празникот се најавува уште од почетокот на неделата, кога сите нешто се растрчани по различни видови на јајца. Бојосувањето на јајцата е еден од најстарите и најсочувани христијански обичаи кај македонскиот народ.

Според православната традиција, првото јајце најчесто се бојосува во црвена боја, која го симболизира Христовото страдање и крвта што ја пролеал за спасението на луѓето, но истовремено и победата на животот над смртта.
Во многу семејства, токму првото црвено јајце има посебно место. Народот го нарекува „чуваркуќа“, затоа што според верувањето, тоа го штити домот, носи здравје, среќа и благосостојба на семејството во текот на целата година.
Во Македонија, овој обичај не е само верски чин, туку и семеен ритуал. Мајките, бабите и децата заедно ги подготвуваат боите, ги украсуваат јајцата и создаваат празнична атмосфера која се памети цел живот. Од едноставните црвени јајца, па сè до богато украсените со восок, ливчиња, орнаменти и традиционални мотиви – секое јајце носи своја порака и своја убавина.
Во некои краеви на Македонија, и денес се почитува обичајот со првото црвено јајце да им се помине по лицето на децата, за да бидат здрави, румени и силни во текот на годината.
Велигденското јајце во христијанството е и симбол на нов живот, го претставува секое обновување, но најмногу индивидуалното духовно.















