Како што најавија така и се случи. 21 часот почнаа да доаѓаат гостите. Викендов во ноќниот клуб „Расчекор“ се одржа втората ретро журка „Орфеј“.Потсетување на годините поминати во клубот „Орфеј“ кој бил симбол на младоста, дружбите и незаборавните журки на три генерации. Журка полна со емоции, склоп на луѓе, возрасни и млади кои сакаат да се видат и да уживат во музиката од минатото, настан каде музиката, културата и социјалниот момент се во преден план .Дојдоа гости и од странство.

„Преубав народ. Доаѓаат луѓе кои што се немаат видено, имаме гости и од странство , од Австралија и од Шведска, дојдоа за оваа забава, и музиката не потсеќа на тоа како сме се дружеле во минатато, ју музика, диско“, рече Драги Лажиовски,организатор на журката.

За музиката беше задолжен ди џејот Славе Келешовски, познат како Славе Крејзи, кој журката ја започна на ист начин како првпат кога настапил во дискотеката Орфеј во 1978 година.
„Елегантни, мудри, шармантни, привлечни, допадливи, пријатели, особено пријателки… Здраво!Поздрав до сите присутни, оние коишто се оправдано отсутни во дискотека „Орфеј“ “,рече диџејот Славе Келешовски- Crazy.

Ретро журката „Орфеј“ е за сите генарации кои пораснаа, а не ги заборавија забавите од младоста.
„Ваквите забави значат сеќавање на едни прекрасни времиња, слободни времиња, кога безгрижни бевме и одевме во Орфеј да се сретниме, да се видиме, да поуживаме во музиката, не обрнувавме многу внимание кој како изгледа, доволно беше да се видиме, кој имаше среќа ќе влезеше или кој имаше пријатели да добие карта. Се раѓаа многу симпатии, се раѓаа многу љубови и завршуваа со брак. Се отвораа и други места, но Орфеј стана заштитен знак, нешто што нема да се повтори. Преку ова сакаме сите ние коишто знаеме како беше барем малку да ја доближиме атмосферата до младите за да видат како ние се забавувавме.“, рече Златко Самарџиев – Кекелот.
„Овие забави се прекрасни затоа што духот на минатото не е дух на минатото туку дека луѓето треба секогаш да бидат весели и да играат. Младите сега не играат, а ние сите внатре играме. Треба да играме, затоа што игратаа е исконско нешто, од древно во нашата крв која не прави среќни и да се релаксираме, а тоа ни треба во овие денови“, рече Гордана Ванчевска.

„Ваквите забави се убави средби, потсетување на нашето време. Во наше време се влегуваше само чивтови и дајбоже и вгодина на истото место да се гледаме.“, рече Валентина Ѓорѓиевска.

„Враќање во минатото. Ќе видат и вашите гледачи колку се среќни луѓето. Враќање на едни спомени. Враќање за нас битолчани, мало и култно место и многу оставило трага во срцата на многу, многу битолчани.“, рече Стефче Стефановски.

„Внатре има прекрасни луѓе коишто се забавуваат играат, пејат, и се потсетуваат на едни времиња коишто навистина беа значајни и вредни за нашиот град. Сакавме да бидеме дел од оваа забава и мислам дека треба да има повеќе вакви забави, барем неколку пати годишно. Сите луѓе уживаат во атмосферата, амбиентот е доловен, сите се потсетуваат на низа спомени коишто ги имале во едно време кога Битола навистина беше Битола и навистини се живееше во овај град“, рече Никола Аврамовски.

Првиот диско клуб во Битола „Орфеј почнал со работа во 1974 година. Уште на почетокот посетеноста била голема па влезот се ограничувал, односно „влез само за парови“.
„Мало и преполно секогаш со весели и разиграни луѓе. Сите таму одевме за забава, за дружби, да сретнеш некоја љубов, симпатија и секогаш за влез имаше проблеми. Нема да заборавиме уште како и денеска што гласи ова Влез само за парови“, рече Стефановски.
„Орфеј беше мало диско и многу слатко и сите играа никој не седеше“, рече Валентина Ѓорѓиевска
„Орфеј беше мало место, имаше цртежи по ѕидовите, но сите играа, немаше по маси седење “рече Ванчевска.

Колку излегувањата и дружбите во минатото се разликуваат од денешните?
„Има голема разлика со денес. Прво во изгледот на локалите, потоа по видот на музиката, возраста на луѓето коишто доаѓаат и верувајте луѓето се потешко и потешко играат на забавна музика. Сега да влезите внатре ќе видите дека повеќе од половина играат а за еден сат сите ќе играат. На времето ние до 11 најкасно моравме да бидиме прибрани, машките до 11 додека да ги испратат девојките, а тие беа во 10 дома. Сега е обратно во 10 излегуваат, а траат до 4. Треба нешто да се направи да се обезбедат места коишто ќе добијат дозвола таква и која што ќе биде слободна за играње, музика за играње а не музика за искачање “, рече Самарџиев.
Втората ретро журка траеше до раните утрински часови. Сите заминаа со надеж дека ќе прерасне во традиција и ќе се сретнат, видат и забавуваат и наредната година.


















