ТЕРА

REKLAMA???

ГЕНЕРАЛЕН ШТРАЈК НА СОНК

Штрајкот во Битола се одвиваше согласно договореното, вели Тони Чавдаровски, претседател на регионалниот одбор на СОНК за Битола, Ресен и Демир Хисар.

-Штрајкот е прифатен масовно, во сите училишта со исклучок на некои колеги кои по разни основи не сакаат да го поддржат штрајкот. Исто така штрајкот е прифатен во детските градинки.

Имаше одредени притисоци претходно, но сега, како што беше договорено со директорите, колегите кои штрајкуваат седат во одредена просторија, другите кои не го прифатија штрајкот ги прифаќаат децата, рече Чавдаровски кој потенцираше дека 80% не дојдоа на училиште.

Според наша оценка и сознанија, се штрајкува во сите основни и средни училишта и во градинките, и тие што не се членови на СОНК масовно се вклучуваат во штрајкот, изјави претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков на прес-конференција соопштувајќи за генералниот штрајк кој почна денеска заради исполнување на барањето веднаш да се зголемат платите во дејностите образование и детска заштита.

Од Министерството за образование велат дека правната регулатива во оваа област ги штити интересите и на учениците. Согласно законите за основно и средно образование, воспитно-образовната работа мора да се реализира во текот на целата наставна година.

Прекин не смее да има, освен во услови на вонредни околности како постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди, за што одлучува Владата и го уредува начинот на организирање и реализирање на наставата до крајот на учебната година.  

Училишните раководства имаат законска должност да го организираат воспитно – образовниот процес и да овозможат продолжување на континуитетот на следење на настава во училниците, кој беше воспоставен откако по година и половина едукација на учениците во вонредни околности и услови на пандемија, тие повторно се вратија во училишните клупи, каде што впрочем им е местото.  

Најавена е средба меѓу Министерството за образование и СОНК.

Министерството за труд и социјална политика пак информираше дека утрово започна најавениот штрајк во јавните предучилишни установи за деца- детски градинки.

Од вкупно 75 Јавни установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, штрајкот на дел од вработените се одвива во 54, а во 21 Јавна установа вработените воопшто не се приклучија кон штрајкот организиран од  СОНК.

Целокупната состојба на терен потврдува дека установите и вработените го почитуваат Законот за заштита на децата и ја обавуваат дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст и при остварувањето на правото на штрајк обезбедуваат непречено одвивање на дејноста.