ТЕРА

REKLAMA???

ГРИПОТ СЕ ШИРИ, НО БИТОЛА ЗАСЕГА НЕ Е ВО КРИТИЧНИТЕ

Сезоната на грип во Македонија забележува значително забрзување, покажуваат најновите податоци на Институтот за јавно здравје. Во периодот од 24 до 30 ноември биле регистрирани 114 нови случаи на грип и заболувања слични на грип – неделно зголемување од 25,3 проценти.

Епидемиолозите предупредуваат дека вирусот интензивно циркулира и дека сезоната влегува во фаза на забрзано ширење. Во однос на истиот период лани, бројот на заболени е поголем за 75,4 проценти, а споредбено со просекот од последните 15 сезони е забележан раст од 2,7 проценти.

Случаи на грип се пријавени во 11 центри за јавно здравје низ земјата. Најмногу заболени има во Куманово – 49 нови случаи, потоа Струмица со 16, Штип со 11 и Тетово со 9. Гостивар регистрира 7 заболени, Прилеп и Кавадарци по 6, Македонски Брод 5, Неготино 3, додека по еден случај се евидентирани во Радовиш и Скопје.

Од почетокот на сезоната се регистрирани 776 заболени лица – раст од 70,9 проценти во споредба со лани, и зголемување од 25,9 проценти во однос на долгорочниот модел. Кумулативни случаи се пријавени во 15 центри за јавно здравје, при што најмногу заболени има во Гостивар, а највисока инциденца според бројот на жители е забележана во Македонски Брод.

Најпогодена е возрасната група од 15 до 64 години, во која се пријавени 584 случаи, што е очекувано бидејќи ги опфаќа најголемиот дел од населението.

Институтот за јавно здравје потсетува дека вакцинацијата останува најсигурната заштита од потешки форми на грип и компликации, а надлежните апелираат граѓаните навреме да се вакцинираат, да следат здравствени препораки и да избегнуваат контакт со заболени лица, бидејќи податоците укажуваат дека сезоната влегува во интензивна фаза.