Не загаснуваат реакциите на Битолчани по поразот на ФК „Пелистер“ од фудбалски клуб кој е од втора лига. Негативните критики се најмногу упатени кон управата на клубот, лошите сезони на „Пелистер“ ги лоцираат токму во активностите кои управата ги презема или не ги презема, иако на располагање има стабилен буџет.

Личната емоционална поврзаност на навивачите и на Битолчани со ФК „Пелистер“ предизвика многубројни реакции поради последниот пораз на фудбалскиот клуб чиј сопственик е општина Битола. Генерално е чувството и реакциите дека ФК „Пелистер“ нанел срам на градскиот фудбал и на Битола, а за тоа ја обвинуваат управата на клубот, којашто не ја искористи доверба и можностите дадени со стабилниот буџет што ги овозможува Општина Битола како сопственик на ФК.
Во осмина финалето од Купот на Македонија, ФК „Пелистер“ одигра елиминационен натпревар со ФК „Шкендија, Арачиново“. Арачиновци победија на стадионот во Сингелич со еден гол, и сега Пелистер го напушта Купот. Според одредени коментари, доколку издржеа уште 5 натпревари, имаа шанси да играат на европски терен. Ова е последниот изгубен натпревар во и досега лошите сезони со кои годинава Пелистер е на 10 место и постои опасност да стане второлигашки клуб. Реакциите на навивачите и на сите Битолочани се жестоки.

„Брука до кај стигнавме“, фудбалерите се нарекуваат „манекени“ или „балерини“, „дресот на Пелистер е свет“. Сесе критикува нивното знаење за фудбал во прва или во втора лига. Дека е подобро на стадионот „Петар Милошевски“, кој патем досега чини 1,5 пати повеќе од првичните планирани 5,5 милиони евра, да игра друг клуб; се предлага ФК Новаци. „Потоп. Последната шанса да ја спасите сезоната ја испуштивте – вели еден навивач и повикува создавање на клуб со млади битолчани.
Одговорност се бара и од администрацијата во Општината којашто како сопственик на клубот со парите што ги дава има можност да побара да се свика избирачко собрание, да постави дел од членовите или пак да има големо влијание врз работата на клубот. Токму овде лежи гневот на навивачите и Битолчани кои гледаат големи финансиски вложувања од Буџетот на општина Битола – пари на граѓаните, а резултатите се под секое ниво на клубот. Оттука коментарите се директно повикување на оставки од врвот на управниот одбор, или пак нивно разрешување.
Па така на различни форуми спортот се става во контекст на политиката и последната предизборна кампања.

„Мизерија во раскош, Некој треба да сноси одговорност каде се парите што се трошат на битолчани? Транспарентност и одговорност.“
Реакциите на битолчани за играњето на ФК Пелистер не стивнуваат подолго време. Особено ги иритира фактот што членовите на управата одбиваат јасно и јавно да дадат објаснување, оценувајќи го тоа како отсуство на елементарна почит кон навивачите. Можеби затоа денеска тренерот Милан Стојановски се огласи со реакција на социјалните мрежи – вели очекувал многу повеќе , со второлигашот не се играло ниту со агресија ниту со карактер, туку бавно и безидејно.
Во мачен телефонски разговор за ТЕРА, претседателот на управниот одбор Александар Стефановски рече дека треба да се има предвид оти натпреварот против ФК Шкендија од Арачиново е прв натпревар на новиот тренер и дека како управа сега нема врз него да прават никаков притисок. Допрва вели следуваат тешки натпревари. А на повиците од навивачите да се поднесат оставки или пак општината да го разреши управнио одбор, Стфеановски вели „нашата задача како управен одбор е да им овозможиме на припадниците на спортскиот тим да може непречено да работат. Тоа и го правиме.“ – вели Стефановски во телефонскиот разговор утринава, што сепак не сакаше да го снимиме на камера.

Додека резултатите продолжуваат да бидат катастрофални, реакциите на граѓаните, дури и тие кои не следат фудбал и повеќе се по културата, на површина го вадат заклучокот дека нешто е сериозно погрешно во клубот за кој одвојуваат милион евра, а едно време беше вистинска гордост на Битола.


















