Еурофарм Пелистер – Вардар 1961 23-26 (11-11)
Ракометарите на Еурофарм Пелистер го претрпеа првиот пораз во плеј-офот, откако во седмото коло пред своите навивачи загубија од Вардар 1961 со 23-26 и сега не зависат самите од себе за обезбедување на титулата.
Клучни за победата на Вардар беа завршните минути од натпреварот кога битолчани направија серија грешки кои составот на Давид Дејвис успеа да ги казни и да обезбеди предност со која се надополни негативата од првиот натпревар во Скопје и се направи крупен чекор кон одбрана на титулата. Во поголемиот дел од натпреварот противниците беа израмнети, Вардар на моменти во првиот дел имаше предност од три погодоци, но Еурофарм Пелистер успеваше да се врати во игра и на одмор се замина со резултат 11-11.
На стартот од второто полувреме Вардар поведе со 12-14, но домаќинот повторно се враќаше во игра и во еден момент поведе со 22-21. На три минути пред крајот Вардар со серија од 3-0 стигна до предност од 24-22, а по грешката на Стипе Мандалиниќ, гостите поведоа со 25-22 по што беше јасно дека гостите ќе стигнат до посакуваниот триумф.


















