Жители на зграда во населбата „Стара Болница“ во Битола со реакција до ТВ Тера – велат дека се уште нема решение за стан преполн со смет до кој минуваат секој ден бидејќи сите делат заеднички ходник.
Јавноста во Битола веќе е добро запозната со случајот во кој старицата која живееше во овој стан и беше сопственичка на истиот не одржуваше хигиена.
Нејзиното живеалиште беше претворено во собиралиште на стари хартии, облека и различни стари предмети. Со текот на времето целиот стан, како и терасата беше пренатрупана со смет, на што соседите и тогаш реагираа.
Старицата извесен период живееше во старски дом, но се врати во станот каде и почина. Случајот кулминираше кога соседите реагираа по лоша миризба која доаѓа од станот. Во станот беше пронајдено нејзиното тело во распаѓање.
По ова нејзиниот стан беше запечатен, но никогаш не беше исчистен. И денеска во истата состојба претставува сериозен проблем за соседите, но и за јавното здравје.
Жители на “Стара Болница“ во Битола реагираат на проблемот со станот преполн со смет

























