Битола два дена беше центар на младинската кошарка во Мaкедонија. Шеснаесет екипи во три категории се натпреваруваа на десеттиот Меѓународен Велигденски кошаркарски турнир „Битола 2022“, кој што беше во организација на КК Младост и Општина Битола. Натпреварите се одиграа во три спортски сали со учество на преку 200 млади кошаркари и кошаркарки.
Свој натпревар имаа и ветераните на КК Младост, кои потсетија на времето кога беа двапати прваци на државата во младинска конкуренција и имаа повеќе успешни настапи на турнири ширум Европа во периодот 2003-2007 година. Единствена екипа од странство беше Олимпија Лариса од Грција, која прикажа игра на ниво на кошарката од земјата од каде доаѓа. Организаторот додели медали и дипломи на најдобрите по категории, а беа пригласени и најдобри играчи во секоја категорија.
„Како и секоја година во минатото турнирот помина во одлична организација и добри натпревари. Задоволен сум од постигнатите резултати и воопшто квалитетот на натпреварите. Им благодарам на екипите од другите градови, посебно на нашите гости од Грција кои учествуваа на турнирот“, изјави Горјан Стојановски, претседател на организациониот одбор на турнирот.
Победници на турнирот беа Пробаскет од Кавадарци кај девојките 2008/09, Охрид меѓу момчињата 2005/06 и Пелистер Младост кај момчињата 2007/08. Лиле Ѓорѓиева (Пробаскет), Стефан Капевски (Охрид) и Наум Марковски (Пелистер Младост) беа прогласени за најкорисни играчи во своите категории.
Турнирот беше организиран на високо ниво со квалитетни натпревари, а со задоволство го следеше и легендата на македонската кошарка Стерули Андоновски.


















