Музичарот Петар Младеновски, најпознат како Пеце од „Суперхикс“, напиша песна за својот покоен брат кој ја загуби битката со ракот. Песната е снимена во соработка со ВИВА Стрингс Квартет и е со наслов „За сите кои ги нема“, а за која вели е напишана во чест на Димитар Младеновски (1970-2007) и во чест на сите кои ги нема, а сè уште се тука.

„Оваа е песна за сите на кои се сеќаваме и за кои имаме убави спомени.За сите кои ни’ недостасуваат секој ден. За сите кои ги сакаме и паметиме. За сите кои ни’ значеле и сеуште ни значат. За сите драги кои повеќе не се меѓу нас а пак се некако…тука. Ова е песна за сите со кои се среќаваме само на сон. Песна ЗА СИТЕ КОИ ГИ НЕМА“, напиша на социјалните мрежи Петар, кој ги напиша текстот и музиката, но и аранжманот заедно со Дејан Теодосиевски, Гога Поп Георгиевски, Дени Крстев. Микс (продукција) – Дени Крстев, видео – Матео Шремпф (Shreмpf Media), бас, гитара, вокали – Петар Младеновски.
Во ВИВА СТРИНГС членуваат: Дејан Теодосиевски – чело, Дубравка Зајкова – виола, Елена Талевска – виолина, Димитар Михајловски – виолина, гитара – Гога Поп Георгиевски. Гостин во видеото Васко Атанасовски.
Академскиот сликар Димитар Младеновски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на професорот Родољуб Анастасов. Изложувал свои дела на десетици самостојни и групни изложби и учествувал на повеќе ликовни колонии. Оставил зад себе стотици дела и работел во повеќе техники, како масло на платно, портрети, графики и дела од рачно изработена хартија. Беше член на ДЛУМ.
Неда Маретиќ


















