Од утре започнува најновата Зимска Приказна. До Нова година градот ќе биде сцена за најразлични настани од областа на културата – филмови, концерти, новогодишни базари – забава и културна понуда за секоја возраст. Иако маркетингот на манифестацијата е започнат, сепак денеска градоначалникот на Битола низ прес конференција на Магнолија најави настани кои ќе се случуваат низ целиот град – на Широк Сокак, во Офицерски, низ старата чаршија. И сите нив ги најави и ќе им се придружи Мечо.
„А за приказната да биде уште повозбудлива на возот „Мечо“ ќе му се придружи празничен автобус, по битолски кажано „празнична кружна““- најави денеска градоначалникот Тони Коњановски.

За празничната кружна, која ќе пулсира во техно бит – сеуште нема доделена линија ниту одлука на Советот на општината за држење на линија како специјален автобус.
А според маркетингот на Зимска Приказна, јавноста има впечаток дека автобусот е Германски. Градоначалникот денеска беше зачуден.
И годинава тој се заблагодари на бројни донатори – почнувајќи од општествено одговорни компании кои и во претходните години биле дел од приказната, преку одредени „приватни објекти“.
Тера: Затоа што се работи за јавни пари, а имавте и објава дека „приватни објекти“ ќе се приклучат, некои од „приватните објекти- кафулиња“ веќе најавија соработка и по објави се изрекламираа, како ги субвенционирате, со украси ( новогодишни) или со пари?
Градоначалникот Коњановски одговори –„ Не, тие не „субвенционираат“ нас, тие ја даваат поддршката. Приватниот сектор е вклучен масовно секоја година се повеќе стопанственици на радост моја и на граѓаните ја препознаваат „Зимска приказна“ . Јас би рекол, да уживаме и, се заблагодарувам на сите оние кои ја препознаваат зимската приказна и за нивниот туристички, меѓутоа и комерцијален интерес кој го имаат да ја поддржат. Така да тие се тие кои ја поддржуваат“

Директорот Благојче Божиновски меѓу другото рече „ Годинава за првпат имаме донација, партнерство кадешто е обезбедено комплетното осветлување и озвучување на едно вискоквалитетно ниво коешто дава дополнителна поддршка и тежина на цело ова, со тоа што, заедно со опремата и техничките елементи кои ги има КИЦ сметаме дека без никаква додатна финансиска надокнада ние годинава ќе направиме прекрасна „Зимска приказна”.

Директорот не знаеше дека Општината на 28 ноември објавила јавен понабав за еден правен субјект за дополнително озвучување и осветлување односно – тендер во вредност од 1. 271,186 денари.
Градоначалникот Коњановски во најавата се осврна и на тоа, рече „Годинава покрај традиционалната поддршка и соработка од нашите верни партнери, приватни компании, на „Зимска приказна“ имаме и комплетна поддршка во делот на обезбедувањето на опрема за озвучување и осветлување на настаните на оваа манифестација која е целосна донација од приватен оператор за сите настани на Зимската приказна, што значи за овој посебен важен дел од реализацијата на програмата како организатори нема да имаме апсолутно никаков трошок.“
Мечо ќе биде брендиран. Годинава „демонстративно одлучи да го прекине зимскиот сон“ вели директорот на Паркинзи. Информациите за реализацијата ќе ги објави откако се ќе се случи.

Тера: Кој ќе фактурира, вие, Општина Битола или правниот субјект кој е избран на тендер да го организира „Зимска приказна“.
Директорот Зоран Михајловски рече дека тоа ќе го открие на посебна прес конференција откако ќе се случи ( Зимската приказна н.з).
Затоа што се работи за јавни пари, а градоначалникот по функција се грижи за законитоста на постапките, прашавме и дали за сите промени во животот на јавните и комунални претпријатија и промените во животот на градот за време на Приказната има одлуки од Советот на општината?

„Вие знаете дека ќе имаме седница на Совет, ќе бидете присутни и вие се надевам, така да се ќе биде секако најтранспарентно и најодговорно согласно законските прописи. А како што реков и во најавата, по завршуавњето на празниците се ќе биде најтранспарентно кажано; и за бројот на посетители, и за потрошените и материјални средства меѓутоа и за сето она што е донирано и презентирано. Верувајте, се ќе биде најтранспарентно, а вие имате во секоја прилика и можност и со достапни информации да ги добиете одговорите.“
На прес конференцијата денеска не се зборуваше за конкретни бројки – средства, пари кои ќе бидат потрошени за време на реализацијата на Зимска Приказна 2025 /2026та.
Градоначалникот ги покани сите граѓани да се забавуваат.

















