СОНК кажа дека од утре ќе штрајкуваат. Вработените, односно членовите на сикдатитот ќе бидат во училиштата и градинките, но нема да работат. Оттука кај родителите се отвора прашањето дали учениците, односно малите деца, ќе одат во училиштата, односно во градинките. Исто така и учениците со прашање што да прават утре.

Неделков рече дека штрајкот ќе се одбива со неизвршување на задачите на работното место.
„Немаме никаква одговорност ако дојдат ученици или дечиња во градинките врз основа на згрижување, воспитание, образовани и храна. Ние ќе бидеме во посебни простории. Може директорите да ангажираат лица од установите, кои можеби не го поддржуваат нашиот штрајк или кои не се наши членови, лица кои на определено време со договори и се плашат да не останат без работа па не штрајкуваат, но тоа се, да речеме од на пример 100 максимум ако има вработени во едно училиште, тоа се некаде 10, или некаде 5 или 15 лица“ рече Неделков.
Тој исто така рече дека во последниот период зачестиле притисоците, најмногу врз детските градинки и по разни основи вработените се приморувале да бидат на своите работни места и да функционираат и да работат како да нема штрајк.
„СОНК ќе биде во штрајк, а одговорноста во однос на извршување на минимум услови за функционирање на установата ја има директорот“, рече Неделков додавајќи дека тука е и прифаќање евентуален број деца кои што по разни основи ќе дојдат во градинка.
Министерството за труд и социјална политика, преку соопштение ја известува јавноста и родителите дека сите предучилишни установи ќе продолжат да ја обавуваат својата дејност згрижување и воспитание на децата и во деновите на најавениот штрајк, како и до сега.
Министерството за образование и наука ја известува јавноста дека и од понеделник, за кога е најавен штрајкот од страна на раководството на Синдикатот за образование, наука и култура – СОНК, основните и средните училишта ќе продолжат да работат, односно ќе примаат ученици и ќе организираат воспитно – образовен процес.
Од ВМРО ДПМНЕ велат дека вработените во образованието, во училиштата, во градинките, имаат со Устав загарантирано право на штрајк.

„Синдикатот има обврска но и морално право да го организира штрајкот. Наставниците имаат право на нивелирање на коефициентите на сложеност на работните места според растот на минималната плата. Наставниците имаат право на покачување на платите согласно Колективниот договор. Тие тоа и го заслужуваат.Владата, наместо да им се заканува и врши притисоци врз нив, треба да се потруди да ги исполни нивните барања, да го исполни тоа што им следи и да го исполни тоа што владата го прифатила со колективните договори. ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува вработените во образованието во нивното барање и во нивниот штрак. ВМРО-ДПМНЕ смета дека нивните барања се оправдани. ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа образложенија од Владата дека во буџетот нема средства. Средства има, но тие се трошат на апетисани, скапи есцајзи, нови возила, мебел, скапи ручеци и матни зделки на владините функционери“ рече Весна Јаневска, претседателка на Комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Димитар Ковачевски ги повика наставниците од основните и средните училишта да ги стават интересите на децата на прво место и да се погрижат да не се наруши образовниот процес.

„Учениците треба да бидат во училиштата, таму каде што припаѓаат. По долгото пандемиско отсуство од клупите, ова е и морална обврска кон вашите професионални задачи како наставници и педагози. Ова е потребно најмногу како поддршка на вашите ученици во еден многу важен дел од нивниот живот.Правото на штрајк е загарантирано право и јас целосно го почитувам. Но социјалниот дијалог е единствениот пат да дојдеме до заеднички решенија. Така постигнавме договор за минималната плата и за пензиите, тој е начинот на кој треба да се реши и овој предизвик. Оваа Влада докажа дека има слух за барањата и не бега од решенија. Докажавме и дека клучен приоритет е токму зголемувањето на платите, па така платите на наставниците кумулативно се покачени за 21% во последните четири години. Но, Владата мора одговорно да го менаџира буџетот и да се грижи за економијата. Нема да добиеме ништо ако ја покачиме инфлацијата, а токму тоа ќе се случи ако се реализираат барањата вака како што се поставени. Затоа, апелирам да не запира процесот на образование и да се продолжи со дијалогот за да се изнајде прифатливо решение. Во време на огромна економска криза апелирам на разум и поддршка за заедничко надминување на проблемите. Законските прописи ги штитат и интересите на учениците, и затоа настава мора да се организира и за време на штрајк. Да не оставаме празнина во образованието на децата, за сѐ има решение, но времето поминато надвор од клупа нема како да се надополни“ вели Ковачевски.













